Возач изгази пешаци пред џамија во Лондон, наводно извикувал антимуслимански пцовки

Тројца пешаци беа повредени рано утрово кога возач удрил во група луѓе пред џамија во Лондон и потоа побегнал од местото на настанот.

Возачот наводно извикувал антимуслимански пцовки пред да побегне од местото на нападот – џамијата Ал Маџлис Ал Хусани во Криклвуд, северозападен Лондон.

Тројцата повредени, двајца мажи на 20-тина и еден на 50-тина години, биле однесени во болница, но за среќа повредите не се сериозни.

Здружението Хусаини што држело предавање во џамијата, соопшти дека возачот намерно удрил во групата луѓе во нападот што очигледно е исламофобичен.

Полицијата соопшти дека тројца мажи и една жена на 20-тина години, претходно биле видени на приватен паркинг како „се однесуваат недолично, пијат и наводно користат дроги“.

Членовите на обезбедувањето на џамијата ги замолиле да си заминат, но тие влегле во расправија со големата група луѓе дојдени во џамијата.

Полицијата рече дека возачот и неговите сопатници упатиле навредливи исламофобични зборови кон групата луѓе, а потоа некој го оштетил нивниот автомобил.

Тогаш автомобилот влетал во групата луѓе и ги прегазил тројцата повредени.

Полицијата трага по осомничените. Уште нема уапсени, ниту официјален став за каков напад станува збор.