Возбудливото дерби во Дортмунд му припадна на Баерн

Во најголемото дерби во германскиот фудбал Борусија од Дортмунд на својот стадион во возбудливиот натпревар загуби од минхенски Баерн со 2:3, со што Баварците се издвоија на првото место на табелата.

Резултатот беше откриен во 45 минута кога во водство дојде Борусија, а стрелец беше Марко Ројс по убаво одиграна акција. Но домашните не успеаја на одморот да заминат со предност, бидејќи во четвртата минута од судиското продолжение од првото полувреме израмни Давид Алаба со погодок од слободен удар од 18 метри.

На самиот почетокот од вториот дел, во 48 минута Баерн направи резултатски пресврт. Бекот Лукас Ернандез уфрли од левата страна, а Роберт Левандовски со глава од тешка позиција ја погоди противничката мрежа. Новиот погодок домашните го примија од контранапад кој во 80 минута го реализираше Лерој Сане. До крајот на мечот Борусија успеа само да го ублажи поразот, со голот на Ерлинг Халанд во 83 минута.

Последната превенствена победа против Баерн, екипата на Борусија ја оствари пред две години на свој терен со 3:2. Баерн сега се осами на врвот на Бундеслигата со 18 бодови, а Борусија Дротмунд е третопласирана со 15 бодови.

Во ова седмо коло на германското првенство РБ Лајпциг на домашен терен со 3:0 рутински го совлада Фрајбург. Домашните поведоа со голот на Ибрахим Конате во 26 минута, а победата ја потврдија со два погодока во последните 20 минути од мечот. Прво стрелец беше Марсел Забитцер во 70 минута од пенал, а конечниот резултат го постави Хозе Анхелињо во 89 минута со погодок постигнат од слободен удар од околу 25 метри.

Со убедливата победа РБ Лајпциг сега со 16 бодови е второпласиран на табелата со два бода зад Баерн и бод пред Борусија Д. Фрајбург е 14-ти со шест бодови.

Мајнц двапати со голови постигнати од пенал водеше против гостинскиот Шлаке, но на крајот дуелот заврши без победник 2:2. Мајнц поведе уште во 6 минута кога Даниел Бросински реализираше од белата точка, Марк Ут израмни во 36 минута, а во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме домашните повторно дојдоа во водство кога Жан-Филип Матета го реализираше вториот пенал. Гостите сепак дојдоа до бод, откако во 82 минута сопствената мрежа ја затресе Жеремиа Сен Жастис.

За Мајнц ова беше првиот бод освоен оваа сезона во седум кола и е последен 18-ти. За Шалке ова беше 23 натпревар по ред во првенството без победа, вклучително и минатата сезона, а сега е претпоследен 17-ти со три бода.

Без победник со идентитечен резултат 2:2 заврши и дуелот меѓу Штутгарт и Ајнтрахт, иако на полувремето домашните имаа водство од 2:0 со головите на Николас Гонзалес во 17 минута од пенал и на Гонзало Кастро во 37 минута. Но во продолжението гостите успеаја да дојдат до реми, преку Андре Силва кој погоди во 61 и откако во 75 минута Давид Абрахам по изведен корнер погоди со глава.

Штутгарт сега е седми на табелата со 10 бодови, колку што има и Ајнтрахт кој поради послабата гол разлика е три места подолу.

Фудбалерите на Унион Берлин шести меч по ред се непоразени, а во саботата на домашен терен со 5:0 ја совладаа Арминија од Билефилд. Стрелци беа Кеита Ендо во 3, Роберт Андрих во 13, Шералдо Бекер во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме, Макс Крузе погоди од пенал во 51 минута, а во 89 минута серијата голови ја затвори Седрик Тухерт.

Унион Берлин е моментално четврти со 12 бодови, колку што имаат и Баер Леверкузен и Борусија Менхенгладбах кои в недела ќе се соочат меѓусебно. Арманија е 15-та со четири бодови.

Во петокот Верер и Келн одиграа 1:1, па Вердер сега е 8-ми со 10 бодови, а Келн е 16-ти со три бода.

Во недела освен дерби мечот меѓу Баер и Борусија М, се игра и натпреварот меѓу Волфсбург и Хофенхајм.