Воздушни и ракетни напади во вториот ден од израелско-палестинските борби

Израелските борбени авиони изведоа напади во Газа, а палестинските милитанти истрелуваа ракети врз израелските градови во саботата, додека втор ден траат најновите судири по повеќе од една година релативно затишје по должината на границата меѓу палестинската енклава и еврејската држава.

Израел во петокот соопшти дека покренал „превентивна специјална воена операција“, идентично како што и Русија ја нарекува својата воена ангажираност во соседна Украина, против палестинската милитантна група Исламски џихад, кога е убиен еден од командантите на таа групација Тајсир ал-Џабари.

Во тој ненадеен дневен напад врз Газа убиени се уште 15 борци на Исламски џихад, според израелската војска, а медицински извори од енклавата во петокот соопштија дека се убиени уште 12 цивили, меѓу кои и петгодишно дете, а повеќе од 80 други се ранети.

Во саботата во рациите на другата палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан) која меѓународната заедница ја смета за палестинска територија окупирана од Израел во војната од 1967 година, уапсени се 19 милитанти на Исламски џихад, соопшти израелската војска.

Од друга страна, палестинските милитанти истрелале најмалку 160 ракети врз цели во јужен и централен Израел, соопшти војската, а некои и кон комерцијалниот центар Тел Авив. Се соопштува дека израелската противвоздушна одбрана пресретнала повеќето од проектилите, а неколку лица се полесно повредени додека бегале кон засолништата.

Египет, Обединетите нации и Катар започнаа со посредувањата за запирање на насилствата, изјавил за Reuters палестински функционер запознаен со тие напори, „но сѐ уште нема придвижувања“, додал.

Функционерот на Палестинската самоуправа, со којашто соработува меѓународната заедница, ги осуди израелските напади.

„Ја повикуваме меѓународната заедница да интервенира и да им пружи заштита на нашите луѓе“, порача на Twitter министерот за цивилни работи Хусеин ал-Шеик.

Натамошната ескалација многу зависи од движењето Хамас, милитантната групација којашто од 2007 година ја има контролата во Појасот Газа, и за тоа дали ќе се реши да се вклучи во борбите.

Израелско-палестинските тензии ескалираа седмицава откако израелските сили уапсија еден од борбените лидери на Исламски џихад на Западниот брег, по што групацијата се закани со одмазда.

Израелскиот премиер Јаир Лапид рече дека нападите во петокот имаат цел да спречат моментален и конкретен напад од Исламскиот џихад.

На израелско-палестинската граница главно беше мирно од мај 2021 година, кога во 11-те дена жестоки борби меѓу израелската војска и палестинските милитанти загинаа најмалку 250 луѓе во Газа и 13 во Израел, што е најлошиот сооднос на жртвите во со децении долгите судири меѓу двете страни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.