Возилото за урбана хигиена на „Брако“, моделот 636, доби сертификат за меѓународен квалитет од германскиот институт TUV од Минхен.
Како што информираше денеска сопственикот на „Брако“, Кочо Анѓушев, возилото 636 е единствен производ од земјава сертифициран директно од TUV Германија, чија инспекција и тестирања се извршени во лабораторијата во Германија.
– „Брако“ и својата ќерка фирма веќе три години развиваат возило во Република Северна Македонија. Тим од 20 млади македонски инженери од кои дел студираа во странство и се вратија во Македонија на овој проект, а дел најдобри студенти на македонските технички универзитети и факултети, развија четири модели на возила на кои последна фаза од нивниот комерцијален живот е сертификацијата во TUV Германија, за да можат да бидат продавани на светскиот пазар – појасни Анѓушев.
Моделот 636, кој е целосно развиен од македонските инженери и произведен во фабриката во Велес, ќе биде носител на ознаката „CE“ на производот, кој значи дека производот ги исполнува сите основни безбедносни и здравствени барања во однос на упатствата на ЕУ и хармонизираните стандарди.
TUV е меѓународно сертифицирано тело кое ги сертифицира најголемите светски брендови на возила.
Анѓушев информираше дека „Брако“ своите возила ги извезува во 53 држави и најави дека се очекува останатите три модели да добијат сертификат од истиот Институт и потоа да го најдат својот пат на светските пазари.