Возот за Кочани две недели во застој, локомотивата која излета се уште не е поправена

И по 16 дена не е пуштен во сообраќај патничкиот воз од и за Кочани. Откако на 22 јули утрото, патничкиот воз излета близу железничката станица Јане Сандански, тој не сообраќа. За ваквата состојба реагираа патниците од Кочани и Штип, кои возот го користеа за патување до Скопје, а попладне за враќање дома. Од ЈП МЖ Инфраструктура велат дека причината е што дизел локомотивата сè уште е на поправка.

„Има недостиг на превозни средства, и додека не се поправи локомотивата, нема можност да се пушти друга во сообраќај. Сè додека е на поправка, патничкиот железнички сообраќајка ќе биде во прекин. Кога ќе се оспособи веднаш ќе продолжи сообраќајот“, изјавија од ЈП МЖ Инфраструктура.

Патничкиот воз од Кочани, кој утрото патувал за Скопје, засега од сè уште неутврдени причини излета од пругата и удри во метален електричен столб. Повредени патници и возен персонал немаше.