Возрасен маж отворил оган во џамија на југот на Франција

Повозрасен маж пукал врз верници во џамија во јужниот француски град Бајон, при што две лица настрадале, пренесуваа во понеделникот локалните медиуми.

Полицијата на департманот Атлантски Пиринеи соопшти дека осомничениот за нападот е уапсен. Според првичните податоци, напаѓачот од огнено оружје пукал во верници на влезот од верскиот објект околу 15 часот по локално време, а исто така фрлило и „молотов коктел“ кон џамијата. Пожарникарите кои брзо пристигнале на местото на настанот веднаш го изгаснале пожарот.

Најмалку две лица, на возраст од 74 и 78 години се повредени, а едното се здобило со сериозни повреди во пределот на градниот кош.

Полицијата го уапсила осомничениот во соседната општина Сен-Мартен де Сењанкс во близина на неговиот дом. Во неговиот автомобил бил пронајден и боца со гас и оружје. Мажот веднаш ја признал одговорноста за инцидентот, а полицијата во моментов ги утврдува неговите мотиви.

Според весникот Le Parisien, нападот врз џамијата го извел 84-годишниот Клод Синке, кој во 2015 година се кандидирал на локалните избори од редовите на крајно десната партија Национален фронт, денес Национално обединување.

Според сознанијата на весникот, Синке се образувал во воената школа Акс ан Провнас, но нема поединости за неговата професионална или политичка кариера. Се наведува само дека во 2015-та загубил на изборите во својот кантон за должноста советник во департманот со 17,4 отсто од гласовите.

Марин Лепен, челничка на Национално обединување, вече реагираше на инцидентот, велејќи дека нападот е во „спротивност со сите вредности кои ги негува движењето“. „Ваквите злосторства мора да се решат со цела сериозност и строгост“, истакна таа на Twitter.

Реагираше на социјалните мрежи и францускиот министер за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, изразувајќи ја својата „солидарност и поддршка за муслиманската заедница“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.