Врање против Лепа Брена: Додека да ги средите тоалетите во училиштата и болниците, Брена можеме да ја слушаме на радио!

Граѓаните на Врање сметаат дека Лепа Брена е прескапа за да се плати нејзиниот концерт на манифестацијата „Денови на Врање“ која се одржува од 22 до 25 август. Поради тоа покренаа петиција за да се спречи нејзиниот настап а парите да се искористат за болници, училишта и тоалети.

„15.000 евра е цената на Брена за настап на плоштад, пишуваат срските медиуми, а граѓаните сметаат дека организаторот ги фрла нивните пари за непотребни нешта. Додека училишните и болничките тоалети се во хаос, Брена можеме да ја слушаме на радио“, велат граѓаните.

Пред две години во Чачак исто така беше актуелна петицијата против Новогодишен настап на Брена, за кој општината одвоила околу 22.000 евра. Луѓето бараа средствата да бидат пренаменети за лекување на болни деца. Сепак, и покрај противењето на голем дел од јавноста, Лепа Брена настапи во Чачак.

Пејачката е честа гостинка и кај нас. Лани во декември одржа концерт во ВИП Арена Борис Трајковски во Скопје по повод 35 години кариера. Исто така, минатата година пееше на струмичкиот плоштад, во склоп на манифестацијата ,,Струмица Опен Фест”. Во 2017 година пееше на ,,Пастрмајлијадата” во Штип, а истата година одржа и концерт во Градиште, Охрид. Концерт во Охрид одржа и минатото лето. Во 2015 година беше главна музичка ѕвезда на ,,Каменичко културно лето” во Македонска Каменица. Пред седум години за 35.000 евра пееше на ,,Пивофест” во Прилеп и тогашниот градоначалник Марјан Ристески ни откри дека двајцата со Брена ги средувал истиот стилист, Алек Палада.