Вработен во американскиот конзулат во Турција осуден на 9 години затвор

Вработен во американскиот конзулат во Истанбул е осуден на речиси 9 години затвор поради „помагање на терористичка организација“, а таа одлука предизвика напнатост меѓу Анкара и Вашингтон.

Метин Топуз е осуден на осум години и девет месеци затвор, соопшти агенцијата Анадолија.

Тој наводно и помагал на организацијата на Фетула Ѓулен, противник на претседателот Реџеп Тајип Ердоган кој го обвинува за организирање на неуспешниот обид за пуч во 2016 година.

Судењето на Топуз ги затегна односите меѓу Турција и Соединетите Американски Држави во последната година.

Тој беше уапсен во 2017 година и оттогаш се наоѓа во притвор. Во конзулатот бил задолжен за врска меѓу американските власти и одделението на турската полиција за сузбивање на трговија со наркотици.

Обивинет е за членство во движењето на Ѓулен, а главниот обвинител бараше 15 години затвор.