Вработен во општината му ги исекол гумите на службениот автомобил

Вработен во општинската администрација во Штип неколкупати му се заканувал по животот на штипскиот градоначалник Иван Јорданов, а му ги исекол и гумите на општинскиот автомобил.

Според Јорданов, вербалните закани од вработениот во општината тој ги добивал во изминатите месеци, а биле од типот „Ќе видиш кој сум јас“. Синоќа градоначалникот го затекол и службеното возило со издишани гуми, сите четири гуми биле исечени. Тој пред новинарите не сакаше да открива детали, за да не ја попречува истрагата.

Полицијата ги потврди инцидентите и пријавата на Јорданов.

„На 21 март во 22:45 часот во Полициската станица Штип, И.Ј.(35) – градоначалник на Општина Штип, пријавил дека Ј.М. од Штип, вработен во Општина Штип, во неколку наврати во последните неколку месеци му упатувал закани. Според пријавеното, околу 19:40 часот гумите на службеното возило, кое го користел И.Ј., од страна на Ј.М. биле исечени. Се работи на расчистување на случајот“.

Според локалните медиуми, вработениот е познат во штипската јавност како насилник, кој пред неколку години му се заканувал и на друг градоначалник. Доколку биде гонет за Загрозување на безбедноста, му се заканува затворска казна од три месеци до три години.