Вработени во Владата патувале во Софија како новинари

Вработени во владината служба за општи и заеднички работи, како новинари, на државен трошок престојувале во Бугарија три дена. Тие наводно отишле да присуствуваат и да информираат за првата меѓувладина седница меѓу Владата на РСМ и Владата на Бугарија, објави Алсат.

Во документите што ги обезбедила Алсат, шестмина вработени во Владата, меѓу кои и шефот на службата Пеце Мирчевски, обезбедиле шест хотелски соби и превоз со возила од Владата.

„Генералната и заедничката служба на РСМ е должна да обезбеди хотелско сместување за македонските новинари во Софија, Република Бугарија, во врска со заедничката седница меѓу Владата на Република Северна Македонија и Република Бугарија, (24-25 јануари 2022 година). Во оваа насока, Службата треба да резервира 6 соби со по еден кревет, со полн пансион во периодот од 24.01 до 26. 01.2022 година за следните лица: 1. Пеце Мирчевски, 2. Сања Петковска, 3. Ивана Јаневска, 4. Благој Китев, 5. Александар Илиќ и 6. Александар Кошаркоски“.

Иако активностите за меѓувладината седница траеле два дена, од 24 до 25 јануари, според документите на Алсат, горенаведените лица во Бугарија престојувале три дена, од 24 до 26 јануари. Запрашани зошто шестмина вработени во службата морале да патуваат како новинари? Од Службата одговорија дека патувале како персонал ангажиран во организациски работи.

„Шестте вработени во Службата за кои прашувате учествувале поради исполнување на обврските за организација и поддршка на активности кои произлегуваат од одлуката на Владата, кои беа во Република Бугарија во Софија. Не се направени трошоци за лица кои не се новинари, туку покриени се трошоци за вработени лица кои се пратени на службен пат поради вршење редовна работа која за Службата излегоа согласно одлуката од 4-та седница на Владата одржана на 20.1.2022“, Служба за општи и заеднички работи на Владата

Од владината служба велат дека не патувале како новинари, туку со одлука на Владата, како дел од организациониот кадар. Додека во записникот од 4-та седница на Владата на која беше донесена одлуката, во петтата точка стои дека владината служба треба да обезбедува превоз и сместување само за новинарите, но не и за своите вработени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.