Вработените во Сардич МЦ и Kопин без плата, Анѓушев тврди дека компанијата не ги исполнила обврските од договорот

Вработените во Сардич МЦ и Копин се без плата. Сметките на компаниите се блокирани од 12 април и 67 вработени остануваат без месечните примања. Во отворено писмо до јавноста и вицепремиерот Анѓушев тие прашуваат до кога ќе останат без плата, и најавуваат дека ќе излезат на улица. Во иста ситуација со нив се, како што велат, се уште 250 вработени во други фирми кои се јавуваат како нивни изведувачи.

„Очигледно за нас вработените во Сардич МЦ и Копер Инвестмент не дошол никаков живот, ние кои чесно си ја заработувавме нашата плата треба да мислиме што да правиме сега во ситуација во која не доведовте вие со вашите одлуки кои се се само не разумни и не се во интерес на претставување на Македонија пред сите потенцијални странски инвеститори“, велат од Сардич МЦ и Копер Инвестмент.

Вицепремиерот Анѓушев, до кого е адресирано отвореното писмо, вели дека тој лично не го добил, но го прочитал откако било објавено во медиумите. Неговиот одговор на блокираните сметки е дека државата е должна да се заштити во овој, но и сите други случаи кога компаниите со кои Владата потпишала договори не ги почитувале роковите.

„Треба да биде воспоставено производство на катоден бакар односно треба да има погон за електролиза. Тој таму не беше изграден, државата мора да покаже капацитет во делот на своите активности да се грижи за правната држава и да ги третира сите економски субјекти подеднакво во смисла на тоа доколку економските субјекти не ги почитуваат своите обврски треба државата да си ги заштити своите обврски“, вели Анѓушев, пренесува ТВ 21.

Обвинувањата на релација Кочо Анѓушев – Сардич започнаа по изјавите на вицепремиерот во дебатниот магазин Клик Плус на ТВ21 дека украинскиот инвеститор во земјава работел со сомнителни финансиски средства. Анѓушев тврди дека ниту едно евро не е влезено од Украина за Казандол, а во рудникот се инвестирани 18 милиони евра, без притоа да се знае кој е одговорен и кој е газда на тие пари. Од групацијата „Коппер Инвестмент” преку соопштение истакнаа дека изјавата за започната истрага за начинот на финансирање на проектот за рударскиот комплекс Казандол е загрижувачка.