Вработените во секторот игри на среќа до Владата: Не одлучувате за роботи туку за човечки судбини!

Не одлучувате за роботи туку за човечки судбини – им порача на Владата и на Собранието Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ во јавно обраќање до нив.

„Бидејќи Владата и Собранието упорно избегнуваат соочување со нас, во оваа прилика ќе се обидеме сликовито да објасниме како 10 илјади вработени ги преживуваат скандалозните и противуставни законски измени на законот за игри на среќа. Само, за разлика од популизмот на противниците на легалните игри на среќа, кои нема да носат никаква одговорност за страшните последици кои ќе следат, ова се вистински сведоштва!

Конкурираш на јавен оглас на компанија која од владата на предлог Министерството за финансии ѝ е издадена лиценца за организирање посебен вид игри на среќа. Дел од овие компании се странски инвеститори, европски и светски гиганти во оваа индустрија. Тоа влева сигурност и самодоверба дека ако те примат ќе добиеш сигурна работа. Во ова време тоа е реткост. Менаџментот те испраќа на платена обука, бидејќи не можеш да потпишеш договор за работа на неопределено време сè додека не си подготвен да ги исполниш строгите стандарди за професионалност при извршување на работните задачи. Почнуваш да работиш, добиваш редовна, добра плата, со сите придонеси, плус со платени двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и сменско работење, бидејќи работното време е 24/7. Добиваш финансиска сигурност. Основаш семејство, ти се раѓаат деца, решаваш да подигнеш кредит за да купиш стан, кола, си го планираш животот бидејќи веруваш дека имаш финансиска сигурност и без проблем ќе ги плаќаш ратите.

Одеднаш, истата Влада која издала лиценца за работа, сега предлага законски измени поради кои компанијата ќе биде принудена да стави клуч на врата, а странските инвеститори да си одат од земјата. Загрижените лица на менаџерите дополнително те вознемируваат. Закуподавецот на објектот каде работиш станува нервозен, бидејќи договорот за закуп ќе мора предвреме да му биде раскинат. Те фаќа несоница од помислата дека ќе останеш без работа. Нема да можеш да ги плаќаш кредитите, те обзема страв дека ќе си имаш работа со извршители. Ќе настане хаос. Немаш избор, почнуваш да бараш контакти во странство за да дознаеш какви можности имаш да работиш таму. Пишуваш биографија и ја испраќаш. Со искуството во индустријата игри на среќа можеш веднаш да најдеш работа во западните земји, во ЕУ. Со горчина во душата почнуваш да го подготвуваш семејството дека можеби ќе нема друг избор освен да се иселите од сопствената земја – се вели во соопштението на здружението „Сакам да работам“

Во услови на економска криза, кога државата е принудена да се задолжува за да може да ги сервисира своите основни системски функции, смета Здружението, владата буквално си пука во нога предлагајќи им на пратениците скандалозни законски измени кои ќе предизвикаат егзодус на дополнителни 35 илјади луѓе, кои ќе бидат присилени да си заминат од Северна Македонија.

„Како Здружение на вработени во сектор игри на среќа сме огорчени што надлежните државни институции никогаш не почувствуваа потреба да застанат во одбрана на нашето достоинство, човекови слободи и уставно загарантирани права на работен однос. Не оставија на бришан простор и подлегнаа на континуираната негативна кампања против легалните игри на среќа, зад која се кријат нечии бизнис интереси да печалат од играње на црно.

Премиерот, министрите и пратениците се лажат ако мислат дека лесно ќе се помириме со судбината. До последно, со сите демократски средства ќе се бориме против неправдата. Ние не сме роботи за да ни биде сеедно што ни се загорчува животот. Не можеме да прифатиме дека никој од надлежните не чувствува одговорност да ги демантира неоснованите обвинувања дека игрите на среќа се извориште на нелегални активности и, наводно, делуваат штетно врз младината. Тоа не е точно и за тоа постојат факти со кои државните институции располагаат, а за жал упорно молчат“ – се вели во обраќањето на Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“.