Вработувањата во Министерството за финансии се претерани, а професионалците бегаат

Заменик министерот за финансии Гордана Димитриеска Кочоска реагира на спомнувањето во вчерашната емисија „Топ тема“ на телевиизија Телма од страна на министерката за финансии Нина Ангеловска, во врска со вработувањата во администрацијата и во делот на одливот на кадри од Министерството за финансии на својот Фејсбук профил.

„Сакам да го истакнам следното за некои работи да бидат појасни за јавноста:

Факт е дека администрацијата од година во година се повеќе расте и се вработуваат повеќе луѓе од тоа што е потребно, според планираните годишни планови, особено во предизборниот период.

Ова се бројките:

Трошоци вработени на неопределно време
Во 2019-та година на 797 службеници им престанал работниот однос, а ги замениле 1516 нови. Значи имало вработувања за 90% повеќе од планираното. Во 2020-та година планирано е на 789 службеници да им заврши работниот однос, а планирани се нови 3250 административни службеници, односно 332% повеќе од тоа што е потребно.

Вработени на определно време:

Од 2017 година до февруари 2020 година, оваа Влада потрошила вкупно 16.350.754 денари за вработување на определено време. Владата на СДС за само две години сметајќи од 2017 година до 2019 година трошоците по основ на вработување на определено време ги зголемила за 395 проценти.
Во месеците јануари и февруари 2020 година има раст од 3.06% на трошоците по овој основ споредено со износот потрошен за истиот период 2019 година, а со податоците од 2018 година има раст од неверојатни 591%. Дали ова е нормална ситуација според министерката Ангеловска?“, истанува Димитриеска Кочоска и понатаму наведува:

Привремени вработувања

Во делот на привремените вработувања исто така имаме енормно покачување. Од 01.06.2017 година до февруари 2020 година, оваа Влада потрошила вкупно 1.363.953.998 денари за привремени вработувања. Имено, само од 2017 година до 2019 година порастот на трошоците по основ на привремени вработувања е за 71,32%.

Состојба во министерството за финансии

Што се однесува до Министерството за финансии, имаме одлив на раководен кадар и квалитетни работници. Голем дел од кадрите кои ги донесе министерката или најблиските соработници, во предизборниот период ги напуштија своите функции. За само 6 месеци си отидоа два шефови на кабинет на министерството (Кристина Попова, Олимпија Христова Заевска). Си отидоа и најблиските советници на министерката, Ивана Станковиќ посебен советник за јавен долг и финансиски систем и Ања Марија Макеска, координатор на социјални медиуми и односи со јавност.

Впрочем ако појдеме од сликата во прилог од преставувањето на тимот на Нина Ангеловска, од 6 најблиски соработници дури 4 ја напуштија министерката.

За период од 2017 до јануари 2020 година Министерството за финансии го напуштиле 165 луѓе, професионалци во својата област. Наместо нивно трајно пополнување, министерката која вели дека “вложува во човечки капитал” овие позиции ги пополнува краткотрајно, најчесто преку авторски и договори за дело, кои што не преставуваат засновање на работен однос

Тоа е небулозата на оваа Влада, превработува онаму кај што нема потреба, а ангажира онаму каде што треба да вработи“!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.