ОДВ електрик: Вработување на 1.000 лица

Инвестиција од 15 милиони евра и вработување на 1.000 лица, планира германската компанија од автомобилската индустрија ОДВ електрик. Денес и официјално беше потпишан договорот за реализација на оваа инвестиција.

Инвестиција од 15 милиони евра и вработување на 1.000 лица

Инаку, големата европска компанија за производство од автомобилската индустрија веќе постои како инвестиција во Македонија и во Охрид веќе има вработено повеќе од 130 лица, а новиот објект ќе го градат во ТИРЗ Струга.

Станува збор за семејна компанија со свои капацитети во Германија, Украина, Унгарија, а во наредниот период и во Македонија.  До крајот на годинава бројот на вработени ќе достигне 150, а етапно се планира вработување на 1.000 лица во фабриката.

Етапно се планира вработување на 1.000 лица во ОДВ електрик
Етапно се планира вработување на 1.000 лица во ОДВ електрик

Премиерот Никола Груевски истакна дека бројката на вработени е многу важна, особено за Струга, Охрид и околните населени места.

Владата на Република Македонија и државните институции ќе останат голем партнер на челниците на оваа, како и на сите други компании заинтересирани да инвестираат во Македонија. Остануваме посветени на нови инвестиции, отворање на нови работни места, креирање на одлични услови за инвестирање и создавање на поволна бизнис клима, истакна премиерот.

Тој додаде дека компанијата изработува разни компоненти за автомобили, а со нејзиното присуство во Македонија уште повеќе го зајакнува нашиот имиџ како земја на автомобилската индустрија.

За две недели почнува изградбата на новиот објект

Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо, истакна дека со челниците на компанијата тој и премиерот оствариле средби на владиното роуд шоу во Штутгарт, а десет дена потоа претставници од компанијата дојдоа во Македонија и ги разгледале технолошко-индустриските зони за лично да ги погледнат можностите за инвестирање.

За две недели почнува изградбата на новиот објект
За две недели почнува изградбата на новиот објект

Како што информира, компанијата за две недели ќе започне со изградба на нов капацитет, а до средината на следната година се очекува објектот да стане функционален и да започне со работа.

Челниците на ОДВ Електрик иако разгледувале повеќе држави како опции за своја нова инвестиција, избрале Македонија бидејќи, како што посочуваат, претставниците на македонската влада точно знаат што очекуваат инвеститорите и што им е потребно.

Организацијата на чело со Виктор Мизо во текот на целиот процес не поддржуваше и соработуваше со нас, па постигнавме резултати подобри од во која било друга земја. Брзиот почеток на работата во веќе постоечки објект и планот за почеток во нова локација не ни беа понудени во ниту една друга земја, истакна Лудвиг Батон, извршен директор на ОДВ Електрик.

Договорот за изградба на новата инвестиција на ОДВ електрик денес беше потпишан во Скопје од страна на сопствениците на компанијата Кристијан Вајс и Андреа Мет и извршниот директор Лудвиг Батон со директорот на  Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо во присуство на премиерот Никола Груевски.

Два договора за инвестиции во два дена

Потпишан договор за реализација на инвестиција и со компанијата Кранфилд Фаундри
Потпишан договор за реализација на инвестиција и со компанијата Кранфилд Фаундри

Потпишан договор за реализација на инвестиција и со компанијата Кранфилд Фаундри

Инаку, во текот на вчерашниот ден беше потпишан договор за реализација на инвестиција и со компанијата Кранфилд Фаундри.

Компанијата Кранфилд Фаундри ќе вложи 15 милиони евра и ќе вработи околу 300 лица. Проектот ќе зафаќа површина од околу осум хектари, а ќе се состои од производствен погон и административна зграда на 15 илјади метри квадратни, а производството во новата леарница треба да почне за најдоцна една година.

Со оваа инвестиција во Пробиштип ќе биде изградена најсовремена леарница  на железо и алуминиум. Производи кои што практично се најпотребни во автомобилскиот сектор, а нивното доаѓање на македонскиот пазар се очекува да привлече нови инвеститори поради потребата од вакви производи.

Четири фабрики почнуваат изградба на објекти

Како што појасни премиерот Никола Груевски на почетокот на минатиот месец, во текот на овој период се очекува со изградба на сопствени капацитети да започнат фабриките КСС во Кичево, ОДВ Електрик во Охрид, Гентерм во Прилеп и Кондево во Штип.

Отворање на своите капацитети и почеток на производство во следниот период ќе имаат Дијатек во Индустриската зона во Скопје и Техникал текстајл во Штип.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.