Враќање на легендарниот Commodore 64

Најпродаваниот личен сметач, или персонален компјутер во историјата „Commodore 64“, познат на веќе возрасната генерација која растеше во осумдесеттите години од минатиот век, се враќа на пазарот со модернизиран дизајн.

Модернизираниот модел, едноставно наречен „С64“ содржи современа технологија, но со стар дизајн објави производителот „Retro Games“.

Така, „С64“ ќе содржи 64 веќе инсталирани игри, но ќе има и USB конекција којашто на корисникот ќе му овозможува да инсталира и дополнителни игри и програми. Тие ќе може да се „симнуваат“ од архивата на игри „С64“.

Цената на новиот сметач ќе изнесува околу 140 американски долари, што е многу поевтино од 595 долари колку што „Commodore“ чинеше на почетокот од 1980-те години. Во пакетот е вклучен и „џојстик“ кој ќе може да се вклучи во еден од USB влезовите или да се спои со телевизор или монитор со HDMI кабел.

Новиот „С64“ на пазарот ќе се појави на 5-ти декември годинава.