Вранишковски бара од Заев да ја поништи МПЦ

Приврзаници на расчинетиот владика на МПЦ-ОА, Јован Вранишковски преку нивниот интернет блог, „Соборно православие“ го повикаа лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откога ќе ја формира новата влада, да ја поништи Македонската Православна Црква, а потоа веројатно и пара Архиепископот Вранишковски да го инсталира за нова црква во Македонија.
„Досетливите“ стратези на ПОА смислиле и добар начин како тоа да го реализираат, па го советуваат Заев дека МПЦ треба да ја обвини за ширење расна и верска омраза и да отвори судски постапки за наводен криминал, пишува „Република“

Еве што конкретно содржи планот на Јован и неговите молби до СДСМ:

Соборно Православие го повикува Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, во овие тешки моменти за нашата држава, да останат доследни на своите зборови и во првите мигови кога тоа ќе им се овозможи, конечно да ја спроведат неселективно правдата, вклучувајќи истрага и кон МПЦ и сите нејзини инкриминирани дејствија кои таа ги имаше последниве 10 години со горе споменатата партија. Од финансиската помош која ја добиваше, донациите, денационализацијата, не можноста да се види кој епископ бил соработник на службите на штета на сопствениот народ, па се до последниот ангажман на отворено агитирање на МПЦ во корист на ВМРО-ДПМНЕ. А се со цел злото никогаш повеќе да не се повтори.

Соборно Православие е свесно дека пред повеќе години и СДСМ во Собранието на РМ, „со двете раце“ гласаше за извесната “декларација за поддршка на МПЦ“ кога се појави канонската ПОА, и потоа ја бранеше во целиот период на своето владеење. Но, еве им ја сега таа МПЦ која ја штитеа! Во најпотребните моменти МПЦ покажува отсуство на свест за единство на севкупниот народ и се става во функција на една политичка партија, придонесувајќи за безизлезот во кои се наоѓа државата. Според тоа, МПЦ денес не настапува само против СДСМ, таа настапува и против Државата!

МПЦ, преку нејзиното соопштение со кое, таа си зема право да повикува на попис во државата, соопштение со кое конструира невистини и прави паника меѓу верниците, МПЦ преку расколничкиот Митрополит Петар и неговото излегување во првите редови на протестите со целото свештенство во Битола, го крши Уставот во делот на одвоеноста на црквата од државата, и уште еднаш потврдува дека не работи за да си го реши расколот, туку дека работи како организација во служба на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

МПЦ, преку обраќањето на расколничкиот Митрополит Агатангел, со давањето поддршка за одлуката на Ѓорѓе Иванов, свесно повикува на кршење на Уставот на РМ, исто како што и Иванов кристално јасно го прекрши Уставот пред очите на сите.

Според тоа, СДСМ ќе треба час поскоро да ја повика и МПЦ на одговорност, дополнително и за нејзиниот придонес во „предизвикување национална и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ по чл.319 од КЗ.

Зошто, ако, во време на владеењето на СДСМ, Архиепископот Охридски, г. Јован беше осуден на казна затвор за ова дело, само заради искажан збор во верско календарче за локална употреба во ПОА, колку ли повеќе треба да одговара МПЦ сега, која вистински, преку нивните соопштенија и настапи на клирот во јавноста, прави сериозен смут во народот, доведувајќи го во заблуда дека „се руши унитарниот карактер на државата и се повредува јазикот“, и отворено повикува на кршење на Уставот и непризнавањето на демократски избраното парламентарно мнозинство, со тоа што ја поддржува Внатрешната Македонска Револуционерна Организација – Демократската Партија за Македонско Национално Единство и го поддржува Ѓорѓе Иванов!