Вреди до СДСМ: Каде бевте кога Заев и Филипче возеа мотори надвор од границите заедно со државно обезбедување?

Зошто не реагиравте кога Зоран Заев и Венко Филипче пред неколку години возеа мотоцикли надвор од границите на државата, а во придружба на државно обезбедување?

Ова прашање го поставува коалицијата Вреди до опозициската СДСМ која го обвинува собранискиот спикер Африм Гаши поради тоа што отишол на свадба во Косово со државно обезбедување и со државен автомобил.

„Жалиме што гневот за изборниот резултат СДСМ го насочува на погрешна адреса. Претседателот на Собранието, Африм Гаши не може да биде виновен што граѓаните сурово ги казнија. Изгледа таквата порака не им е доволна, штом продолжуваат да манифестираат врвно лицемерие. Пред да одржуваат прес-конференции чија единствена цел е обид за отргнување на вниманието од нивните внатрепартиски проблеми, го повикуваме СДСМ да одговори, зошто не реагираа на ист начин кога Зоран Заев и Венко Филипче возеа моторцикли, надвор од границите на Северна Македонија, во придружба на државно обезбедување? Дали тогаш тоа беше за нив етички и безбедносен протокол согласно законот или скандалозно однесување, како што сега тврдат? Африм Гаши со своето семејство уредно ја поминал границата и тој никогаш не поминувал ниту еден граничен премин пешки, како некои други“, се вели во реакцијата на Вреди.