Време на промени, проекти и победи!

275

Завршија изборите. Завршија како што и јас ја завршив моја претходна колумна дека некој ќе плаче, а некој ќе слави. Така е во животот се’, некому мора да му се стемни, за да на некому друг му се раздени и обратно. Намерно мојата нова колумна ја одолговлечив чекајќи ги резултатите од изборите. И тие очекувано покажаа дека народот сака промени, дека сака проекти остварливи, одговорни луѓе, но најмногу од се’ си ја сака својата држава, а најмногу мрази лаги.

И туризмот беше дел од промените во овие изборни резултати. Во минатите колумни пишував каква е значењето на туризмот за севкупниот општествен и економски развој за една држава, какво е неговото значение на локално ниво, колку грешки се направија во водењето политики за туризмот и угостителството. Е, тука треба да се бара и причината за промените кои ги бараат граѓаните и стопанствениците, кои со својот глас непосредно на изборите даваат црвен картон на секоја една погубна политика или лоша економија. Оваа влада и нејзината целосна контрола на локално ниво не испорачаа никави резултати за туризмот и угостителството во текот на овие четири и повеќе години. За многу од нив во моите колумни пишував, давав препораки, опоменував, но кој сакал да прочита и разбрал, кој не сакал доби црвен картон на овие избори.

Најсвежо ни е сеќавањето од минатата година, па и оваа, недостаток на разбирање и внимание за проблемите со кои овие два сектора се соочија од директните негативни последици од ковид кризата. Повеќе пати беа одржувани протести и доставени барања до владата за брза реакција и давање помош за нивен опстанок. Но, таа остана нема и глува на барањата. Многу мои пријатели, посебно во делот на туристичкото работење ги затворија своите агенции и сега се занимаваат со сосема други дејности. Голем број на угостителски објекти се затворени целосно, или остана да работат половично со мал број на посетители, но со зголемени сметки за режиски трошоци. Тек допрва што ги чека со енергетската и економската криза која е на повидок на светски рамки, посебно во овие два-три месеци кога за двата сектори се и онака најтешките месеци за работа.

Лагите кои беа пласирани со некакви измислени проекти и предлози колку да се замаглат очите на јавноста беа многубројни. Каде е и што работи Комитетот за туризам? Толку бараниот, а уште повеќе најавуваниот комитет како одговор на решавање на проблемите во туризмот и угостителството. Не е свикана ниту првична седница. Лежи само на хартија веќе пола година. Тоа е доказ дека не ги интересира туризмот и проблемите со него. Уште повеќе што тие што го водат туризмот бркаа градоначалнички кариери или приватни бизниси со матни зделки.

Во екот на предизборието, замислете, се изнесоа предлози дека ќе се градат три нови елитни зимски центри во Јабланица кај Струга и Вевчани, Бушова Планина кај Крушево и Македонски Брод и Караџица кај Сопиште и Студеничани, поточно кај Патишка Река. Според в.д. директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески планирано е вложување на 700-800 милиони евра замислете. На секој еден нормален човек, и на децана од прво одделение, им е јасно дека ова е небулоза за смеење. Ние имаме 5 сериозни ски центри кои воопшто не работат како што треба и во нив се најавуваат веќе подолго време разни инвестиции, а останаа грди и застарени и ден денска. Па господо ако имате инвеститори со волку пари (што се сомневам), барем пола од нив вложете ги во постоечките центри, не ви требаат нови, ќе имате одлични резултати во туризмот.

А, дали поверувавте во најавата за „првата патека за Формула 1“!!!

И тоа кажана лично од премиерот Заев (премиер во заминување) кој во изјавата истакна дека проектот не е објавен затоа што сеуште се работело на основната документација, меѓутоа државата веќе работела на овој проект. Па пријатели мои нас може да ни позавиди и една Индија, една Русија кои за доведување на ваква атрактивна патека за Формула 1, работеа повеќе од 10 години со огромни инвестирани финансиски и човечки ресурси. Но ние можеме се’, посебно во екот на изборите кога се ветуваат секакви проекти.

На овие избори беа ветувани многу нешта, многу проекти, од скоро сите партии и нивни кандидати за градоначаници. Народот препозна многу од нив вистински проекти, а многу од нив и лажни. Они го дадоа својот глас и порачаа многу нешта. Не го лажете веќе народот господа, нема да поминете така лесно. За 30 години демократија научија на што да поверуваат, а на што да покажат со прст и да го отфрлат и казнат.

За идните новоизбрани градоначалници и нивните партии, најпрво честитка од мене лично за вашата победа и една моја препорака – седнете веднаш, засукајте ракавите, не седете само на кожните столчиња, туку веднаш работа, веднаш ПРОМЕНА најпрво во вашата комуникација со народот. Веднаш вашите ПРОЕКТИ претворете ги во дела, затоа што немаме време веќе повторно да си играме држава, економија, туризам, што и да е друго, затоа што следува уште пострашна енергетска и економска криза во целиот свет, а сите заедно да славиме ПОБЕДИ и понатаму.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.