Времето кога владеат Тие?!

Отсекогаш постоело време за акција и време за мирување. Но, постои и време на владеење… Во време на невреме се јавуваат како печурки после дожд најразлични габи и дождовни жаби, отровни или крастави, зелени или несварливи, патриоти во никој случај!

И во стилот на модерни робовладетели, феудалци или недоучени политичари, синови и ќерки на „другари и другарки“ од минатото на комунизмот, костумирани и наконтени, битанги и растурикуќи, реален приказ на исповраќани илузии на современото македонско битисување. Во време на корона кога пред јавноста има грижа за здравјето на граѓаните во позадина им тече апликација за фаќање момент по секоја цена?! Здравјето за троа политика? Додека државата стенка и лелека под налетот на економската пропаст која ни претстои тие се без реални мерки, идеи и стратегија, како и секогаш…

Удобно вдомени во топлите фотелји, закоренети во цивилната урбана среднина на меланхолија, депресија и алчност за азна тргуваат со националното без грам срам и совест пред минатото и иднината.

Доста ни е веќе од стари профили на политичари и нови млади адулти неухранети за вниминаие и центар!

И додека беснее болест, пандемија на една цела планета, овде имаме шака луѓе кои си играат со нервите на цела нација. Па, сега има опасност или нема?

Имаме политичка комисија или реално тело за здравствена заштита на граѓанинот?

До кога ќе биде граѓанинот политички остаток за поткусурување и делче од локална, регионална и секаков вид политика наместо стекната доверба во Комисија која би била експертска, доверлива, граѓанска и со членови од сите групи и партии?! Исто како слугата Јернеј и бесправно завземените имоти, пасишта и земјишта, закупени за евтини пари имоти, разделени и обесправени кукаат и фрчат со клетви по пакосната власт оти чунки лоша била, ги наполнила како бродови.

За милионските тендери кои порано или подоцна ќе излезат на виделина, за секојдневната психологија на уценување, потценување, обезвреднување на стручните кои од срам за туѓиот несрам се кријат и без коментар горко ќе се насмеат без желба да влезат во процесот.

Да не говорам тука за Договорите, за јазикот, за името, за самочувствието прегазено во 21-от век… не, не зборувам за некоја мала африканска држава!

Престанаа и учените да упатуваат пораки за идентитетската криза во која успешно и на еден софистициран вештачки начин не фрлија како народ хибридните!

Каде се просветителите на модерниот век?

Министер планира избори преку алгоритми кои и сам не ги разбира како би функционирале во реалност. Ајде сето тоа, уште да избере и специјален бројач на гласови, да, онаков како шареното СЈО на кое сите заборавија а кое им заврши  работа со „Луј Витон“ и по некое пусулче во фиока. И сега, каде и кој ќе пишува за македонизмот, за пратениците, за лагите, за крвожедните, за новокомпонираните „будалетинки“ со право за збор а не на избор, кој ќе гарантира за безбедноста на граѓаните на кои сите се повикуваат?!

Реинкарнирана матрица на еден стар слугински менталитет строго наметнат и точно искористен.

Каде го водите овој народ?

Автор: Автор: Гоце Марков, дипломиран здравствен работник, за НетПрес