Врховниот суд на САД дозволи носење оружје заради самоодбрана и покрај бројни масовни убиства

Врховниот суд на Соединетите Американски Држави објави дека Уставот го штити правото на поединецот да носи пиштол на јавно место за самоодбрана, давајќи им значајна победа на поборниците за правата на оружјето во земјата која е длабоко поделена околу тоа како да се реши проблемот со вооруженото насилство.

Пресудата донесена вчера со 6-3, со конзервативни судии во мнозинство и либерални судии кои не се согласуваа со одлуката во малцинството, ги укина ограничувањата на државата Њујорк за носење пиштол надвор од домот, објави Глас на Америка.

Судот утврди дека законот, донесен во 1913 година, го нарушува правото на лицето да „држи и носи оружје“ според Вториот амандман на американскиот Устав. Според тој закон, потребно е да се докаже потребата од носење оружје надвор од домот.

Во пресудата, напишана од судијата Кларенс Томас, се наведува дека Уставот го штити „правото на поединецот да носи пиштол за самоодбрана надвор од домот“.

„Не знаеме никакво друго уставно право што поединецот го има, но само откако ќе им покаже на владините службеници дека за тоа има одредена потреба“, напиша Томас.

Одлуката на највисокиот суд во Америка може да ги поткопа сличните ограничувања во другите американски држави и да ги загрози другите видови државни и локални законски ограничувања за носење огнено оружје низ целата земја.

Правото на носење оружје е спорно прашање во земја со голем број вооружени инциденти, вклучително и бројни масовни убиства. Американскиот претседател Џо Бајден, кој вооруженото насилство го нарече национално срам, ја осуди одлуката на Врховниот суд.

„Пресудата е спротивна на здравиот разум и Уставот и треба длабоко да не вознемири сите. Со оглед на ужасните напади во Бафало и Јувалде, како и секојдневните инциденти на вооружено насилство кои завршуваат на насловните страници, ние како општество мораме да направиме повеќе – не помалку – за да ги заштитиме нашите сограѓани“, рече Бајден.

Во исто време, вчера Горниот дом на американскиот Конгрес, Сенатот, го одобри предлог-законот за носење оружје со поддршка на двете партии и го отвори патот за негово усвојување во Претставничкиот дом. Законот воведува одредени ограничувања и проверки за давање дозволи, што ќе биде најдалекусежен одговор на децениските брутални масовни убиства во земјата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.