Втор бран ракетирање од Иран, Белата куќа се подготвува за обраќање на Трамп

Иранската војска нанела втор бран удари врз американските објекти во соседен Ирак, како одмазда за американската ликвидација на генералот Касем Сулејмани, пренесува ноќта кон средата агенцијата Tasnim, а Белата куќа истовремено најавува брза реакција.

Во извештајот се наведува дека како и првиот бран, и вториот е извршен со балистички и крстосувачки проектили. Целите на новите удари не се соопштени.

Истовремено се јавува дека во воздух се кренати и авионите на иранското воено воздухопловство, кои ја прелетуваат територијата на земјата и ги надлетуваат пограничните зони.

Локалните медиуми јавуваат дека во првиот налет од иранскиот напад има настрадани „на ирачката страна“ во базата Аин ал-Асад, додека нема настрадани меѓу американските војници. Нема информации за втората нападната база, во Ербил.

Истовремено американската телевизија CNN повикувајќи се на два извора во администрацијата, јави дека Белата куќа врши подготовки за обраќање на претседателот Доналд Трамп до нацијата во контекст на иранските напади врз воените бази во Ирак кои ги користат американските трупи.

Според извештајот, обраќањето може да биде директно пренесувано од Овалната канцеларија. Трамп, инаку, само еднаш се има директно обраќано од официјалното работно место. CNN известува дека не е донесена конечна одлука за обраќањето на претседателот.

Телевизијата јави дека министерот за одбрана Марк Еспер и државниот секретар Мајк Помпео претходно дошле во Белата куќа на итно советување со Трамп.

Сенаторот Марко Рубио објави дека САД во моментов правата „целосна процена“ на ситуацијата за да ги утврдат соодветните мерки за одговор на нападот од Иран.

„Ме информираа за директните напади вечерва од Исламската револуционерна гарда, кои истрелале ракети од територијата на Иран врз две бази во Ирак каде што се распоредени сили на коалицијата. Во теке е целосна процена (на ситуацијата), за да се утврди соодветниот одговор“, напиша Рубио на Twitter.

Истовремено сириската државна телевизија  Syria TV објави дека американските војски стационирани во сириската покраина Деир-ез-Зор по иранското ракетирање се ставени во состојба на борбена готовност и се движат кон базата на границата со Ирак.

„Доаѓаат информации за почеток на евакуацијатата на американските војници од нафтеното поле Омар и гасоводот Конако во покраината Деир-ез-Зор“, се наведува во извештајот.

Според телевизијата, американсата војска се упатила кон импровизираната воена база во близина на градот Шадади, во покраината Хасека.