Втор брод со помош од Турција за Газа пристигна во Египет

Втор турски брод со хуманитарна помош за Газа пристигна во египетското пристаниште Ел Ариш, јавуваат турските медиуми. Бродот носи 1.500 тони храна, медицински материјали и материјали за засолништа.

Турскиот амбасадор во Каиро, Салих Мутлу Шен и претставници на Црвената полумесечина го пречекаа бродот, според турската државна телевизија ТРТ Хабер.

„На бродот има 1.500 тони хуманитарна помош. Целиот брод е полн“, рече амбасадорот, прецизирајќи дека помошта се состои особено од конзервирана храна, вода, зимска облека, шатори, генератори, амбулантни возила и медицински материјали.

Посочи дека одделно, со авиони се испорачани 300 тони материјали и додаде дека помошта од бродот ќе биде истоварена денеска или најдоцна утре.

„Помошта ќе биде доставена до сиромашните луѓе во Газа што е можно поскоро“, рече Шен.

Претходно турски брод натоварен со теренска болничка опрема, амбулантни возила и генератори за лекување на повредените од Појасот Газа пристигна во Египет на 13 ноември.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.