Втор ден разговори на Вајгел со македонските политичари за проектот „Жан Моне“

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл денеска во Скопје ги продолжува средбите со координаторите на пратеничките групи во Собрнието на Македонија.

Би сакал да разговараме за проектот „Жан Моне“ на Европскиот Парламент што значи покренување на дијалогот на политичките играчи во Македонија и интеракција со парламентарците од Европскиот Парламент, изјави синоќа европратеникот Вајгл и додаде дека она што го очекува е „е само добро, кога е во Скопје“.

Исто така, денеска, според најавата, ќе има и брифинг со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а и со амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар.

На овие средби се разговара и за можноста за отпочнување дијалог меѓу различните пратенички групи во Собранието на одредени теми. Овој дијалог, под покровителство на Европскиот парламент, има за цел да придонесе кон создавањето на позитивна атмосфера во Собранието и подобра комуникација на опозицијата и власта по однос на одредени прашања.

Инаку, како што претходно беше објавено, во куќата на таткото на Европската унија, Жан Моне, која се наоѓа во близина на Париз, кон крајот на годинава, евентуално на почетокот на 2018, македонските парламентарни партии, и од власта и од опозицијата, треба да почнат со неформален дијалог за надминување на разликите по прашањата значајни за евроинтеграциите и за примена на европските стандарди.