Втор ден собраниска расправа по ребалансот на Буџетот за 2019 година

Пратениците денеска ја продолжуваат расправата за Дополнетиот предлог ребаланс на Буџетот за 2019 година. Со овој ребаланс вкупните приходи се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, вкупните расходи се на износ од 228,2 милијарди денари, а дефицитот останува непроменет и е позициониран во износ од 17,7 милијарди денари.

Предвидено е намалување на приходната и расходната страна за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто, се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.

Целта на ребалансот е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ). Ревидирањето на планираните проекции на приходите е пред се резултат на намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава.

За време на вчерашната расправа опозицијата тврдеше дека ребалансот е популистички, а власта, пак, дека е развоен и ќе помогне за поголема реализација на капиталните инвестиции.

Расправата најмногу може да трае пет дена.