Втор дуел – втора победа! Нашите ракометари утре се соочуваат со Хрватите

Македонски навивачи пред Олимписката арена во Минхен

Македонските ракометари ја совладаа селекцијата на Бахреин во рамките на второто коло од Светското првенство кое се одржува во Германија и Данска.

Нашите момци натпреварот го завршија со резултат 28:23 и ја оправдаа улогата на фаворити.

Македонија имаше одличен старт на мечот, поведе со 6-2 но потоа дури 11 минути не реализиравме погодок, а Бахреин со серија од 5-0 дојде до водство од 7-6. Во финишот сепак направивме серија од 5-0 и на полувремето заминавме со предност од 12-8.

Во вториот дел избраниците на Раул Гонзалез ги презедоа работите во своите раце, поведоа со највисоки 23-15 и рутинирано ја довршија задачата. На петнаесетина минути пред крајот, шанса добија и младите Митревски, Крстевски и Серафимов од клупата.

Најефикасни поединци кај нашите беа Кире Лазаров со 8 и Дејан Манасков и Филип Кузмановски со по 4 гола. Капитенот беше прогласен и за „Играч на натпреварот“.

Веќе утре, во рамки на третото коло, со почеток од 18 часот, Македонија ќе ги одмери силите со репрезентацијата на Хрватска која ја предводи Лино Червар.

-Позитивни сме, ќе се спремиме. Исланд ме изненади, имаа квалитетен ракомет. Не’ очекуваат тврди и неизвесни натпревари. Ќе го дадеме максимумот против Хрватска, вели Лазаров.