Втора бродска несреќа во САД во една недела

Крај брегот на Џорџија крајбрежните спасувачки екипи синоќа извлекоа четири лица од товарен брод што претходно се преврте во морето. Ова е втора бродска несреќа по минатонеделната катастрофа со пожарот во патничко пловило во Санта Круз, Калифорнија, кога загинаа 34 лица.

Покрај брегот на Џорџија, синоќешната интервенција на спасувачите вклучуваше дупчење на трупот на бродот за да се извлечат членовите на екипажот, еден ден откако бродот се преврте при отпловување од пристаништето во Брунсвик.

Товарниот брод „Голден Реј“, што превезуваше автомобили, се преврте во неделата навечер откако отплови за Балтимор. Спасувачите претходно успееја да извлечат 20 членови на екипажот со помош на хеликоптери и моторни чамци.

Ова е втора бродска несреќа во САД во рок од една недела. Првата беше многу потрагична.

Покрај брегот на Калифорнија во околината на Санта Круз, минатиот понеделник рано наутро, во патничко пловило „Консепшн“ што превезувало љубители на нуркање избувна пожар, при што излезите за спасување во долниот дел на трупот на пловилото каде спиеле патниците биле блокирани.

Во катастрфалната несреќа од чадот и огнот се загушија 34 лица. Властите во Калифорнија синоќа извршија упад во просториите на „Трут Акватикс“, фирма организатор на скуба дајвинг екскурзии.

Деновиве се очекува покревање кривични пријави за небрежност, неисполнување на правилата за безбедност, јавија денеска американските медиуми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.