Вучиќ: Ако дојде до одложување на изборите, тоа ќе биде само за две до три недели

Одговарајќи на прашања на новинарите за тоа дали изборите ќе бидат одложени поради епидемијата со коронавирусот, Вучиќ изјави дека за тоа ќе разговара со претставниците на партиите кои учествуваат на изборите, јави дописникот на МИА од Белград.

-Доколку имаме многу потешка ситуација – тогаш се знае какви се уставните овластувања. Доколку и дојде до поместување, тоа ќе биде две или три недели, изјави српскиот претседател по состанокот на државниот врв поради новооткриените случаи на коронавирус во Србија.

-Јас се подготвувам за 26 април, а ако и дојде до поместување на изборите, ќе ги поместиме за две недели, и тоа ако имаме многу потешка ситуација со коронавирусот отколку денес, а јас тоа не го гледам, кажа Вучиќ.

Тој најави дека во наредните денови ќе разговара со претставниците на партиите кои учествуваат на изборите за да се организираат што е можно повеќе телевизиски дебати, а дури во април да се одржат митинзите на отворен простор.

-Никој нема да забрани протести на отворено. Ги прашав лекарите, ми рекоа дека не е проблем на отворен простор бидејќи станува збор за респираторна болест, изјави Вучиќ.

Тој, исто така, потврди дека СНС до 1 април нема да одржува предизборни митинзи, ниту на отворено, ниту во затворен простор.

Во Србија денес и други политички партии соопштија дека поради епидемијата со коронавирус ги откажуваат предизборните митинзи до 1 април, меѓу кои и Социјалистичката партија на Србија (СПС), Српската радикална партија, како и партиите на опозицискиот блок Сојуз за Србија (СзС) и движењето за слободни граѓани (ПСГ) во поглед на митинзите за бојкот на изборите.