Вучиќ: Ако не го прифатиме планот ќе се прекинат евроинтерграциите и повлечат инвестициите

Во веќе традиционално долгото обраќање до јавноста, Српскиот претседател, Александар Вучиќ вечерва зборуваше за причините поради кои официјален Белград дал зелено светло за меѓународниот план за односите со Косово.
Според Вучиќ, планот за Косово и Метохија веќе не е само француско-германски, туку многу повеќе од тоа, затоа што го прифатиле сите членки на Европската Унија, вклучувајќи ги и оние кои не ја признаваат независноста на Косово.
Во однос на тоа зошто Вучиќ, одлучил да предложи прифаќање на планот на западните земји иако, како што рече, во него има многу малку работи кои се во интерес на Србија, тој предупреди дека неговото одбивање би имало страшни последици за државата.

„Во втората реченица која ми беше кажана. Во втората реченица! Ми беше кажано: Морате да го прифатите овој план а ако не го прифатите, бидејќи ние сметаме дека тој мора да биде прифатен, односно тоа е де факто новата преговарачка рамка на патот кон Европа, ќе се соочите, како прво: со прекин на процесот на европските интеграции, како второ: ќе се соочите со прекинување а потоа и повлекување на инвестициите.Како трето: ќе има сеопфатни мерки во политичка и економска смисла кои ќе и нанесат голема штета на република Србија. Значи цитирав!“ – изјави Вучиќ

Вучиќ вели дека тоа потоа повеќе пати му било повторено на што тој силно реагирал а тоа наводно било пренесено и во повеќе медиуми во Европа.
Српскиот претседател додава дека го прифатил планот затоа што земјата не смее да остане изолирана. Вели дека можел да реагира емотивно и да ги избрка странските посредници, но тоа би значело брзо повлекување на безвизниот режим со земјите во Европската Унија.
Тој ја информираше нацијата дека само Германците во Србија вработуваат 80 000 луѓе а ако се земат предвид и Американците, Французите и Италијанците, тогаш таа бројка многу поголема.
„Со Германија имаме 8,2 милијарди евра размена, од тоа ги исплаќаме платите и пензиите а да не зборувам што би значело за Србија да биде изолирана. Србија мора да остане на европскиот пат, не затоа што јас го обожувам нивното лицемерие, туку затоа што мора да опстанеме и напредуваме и да не бидеме изолирани“ – додаде Вучиќ.
Неприкосновениот лидер на Србија потсети и дека замрзнатиот конфликт е најлошо решение и дека мора да се работи на компромисно решение со Косово иако тој бил свесен дека тоа не е можно со режимот на Курти.
„Мора да бараме решение, затоа што ни е потребен мир со Албанците“ – порача Вучиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.