Српскиот претседател Александар Вучиќ повторно во неделата ја праша портпаролката на Евроспката унија, Маја Коцијанчич, дали може да каже со каков отров се затруени членовите на Централната изборна комисија (ЦИК) во Приштина, додавајќи дека му е жал што ниту ЕУ, ниту американскиот специјален претставник за западен Балкан, Метју Палмер, не се занимавале со толку важно прашање.
Вучиќ на својот профил на Twitter потсети дека се поминати три седмици од случајот со „труењето“ на членовите на ЦИК на Косово и повтори дека сѐ додека е жив, нема да се откаже од трагањето за одговорот на ова важно прашање.
„Поминаа повеќе од три седмици откако Албанците тврдеа дека имало масовно труење на етничка основа во ЦИК во Приштина. Те молам, драга Мајо, конечно да ни кажете дали станува збор за антракс, новичок или за средство за чистење на мебел. П.С. Додека сум жив, нема да се откажам од потрагата за одговорот на ова важно прашање. Жал ми е што оваа важна работа, во која, наводно, учествувале Срби, очигледно не се разгледува ниту од ЕУ, ниту од Метју Палмер. Јас ќе се занимавам со ова. Однапред благодарен,“ напиша Вучиќ.
Пред неколку дена испрати писмо до Коцијанчич, во кое инсистира на тоа ЕУ да одговори по повод случајот за наводното труење на членовите на косовската ЦИК од албанска етничка припадност. Коцијанчич одговори дека резултатите од истрагата се чекаат и дека мисијата за набудување на изборите на ЕУ во Косово внимателно го следи случајот.
Инаку од Кабинетот на срспкиот претседател најавија дека тој во понеделник ќе има средба со американскиот специјален претставник за Западен Балкан Метју Палмер.