Вучиќ: До крајот на годината Србија ќе набави до милион дози вакцини, не е важно од каде

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија ќе се обиде да набави половина милион до милион дози вакцина против Ковид-19 до крајот на годината.

– Сè уште не можам да гарантирам, но ветувам дека ќе биде значителна количина, тоа е прашање на часови и денови. Ние сакаме да го намалиме притисокот врз болниците и да им олесниме на здравствените работници, рече Вучиќ, во изјава за провладината телевизија Хепи.

Тој рече дека вакцинацијата нема да биде задолжителна, но вакцината ќе им биде дадена на оние што мора да ја примат – во здравството, војската и полицијата, за да се обезбеди функционирање на системот и економијата.

Вучиќ рече дека вчера бил најтешкиот ден за Србија затоа што беше забележан најголем број на новозаразени со коронавирус.

– Во моментов има 4.800 лица во болниците, сите болнички капацитети се исполнети, рече тој.

Вчера во Србија беа потврдени 2.813 нови случаи на коронавирус, а 21 лице почина.

Бројот на заразени надмина 87.000, а 1.030 лица починаа од почетокот на пандемијата. Има 3.963 пациенти на болничко лекување, вклучително и 161 на респиратор.

Вучиќ, исто така, рече дека Србија е меѓу петте земји во Европа кои имаат најмал процент на смртни случаи, споредувајќи го бројот на смртни случаи во околните земји во однос на бројот на жители и заразените.