Вучиќ ќе ги распише српските избори на почетокот на март

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека престојните парламентарни и локални избори ќе ги распише на почетокот на март и дека тоа ќе биде една од најдолгите изборни кампањи во Србија.

„Само Српската напредна странка (СНС) може да гарантира подобра иднина“, изјави Вучиќ за комерцијалната телевизија Хепи и објасни дека пртестојните избори ќе бидат „судбоносни“ за Србија поради што ќе направи и до „50 проценти смени во изборот на луѓето од СНС во парламентот, и до 70 проценти во изборот на министрите.“

Вучиќ оцени дека целта на бојкотот на опозицијата е прикривање „дека царот е гол“ и колку пари бесцелно се трошени, но дека со бојкотот опозицијата не може да му го оспори неговиот легитимитет. Тој додаде дека опозицијата не мисли ништо добро, но смета дека би било добро да учествува на изборите.

Српскиот претседател оцени дека многумина во странство не сакаат Србија брзо да се развие и затоа на Албанците им било дозволено да воведат такси на стоки од Србија и БиХ. Објаснувајќи го ова, тој кажа дека „голема и моќна европска земја побарала од Приштина да воведе такси, со цел Србија да се наведе да излезе од дијалогот кој се движел кон компромисно решение“.

„Тоа така беше направено за да се каже дека Србија го напушта дијалогот и да се урне секој план Србија нешто да добие“, рече Вучиќ и потсети дека идејата за разграничување можела да биде резултат на дијалогот во кој Србија ќе добиела нешто.

„Тоа не го знаев веднаш, но сега го знам сето тоа. Во прашање е една значајна и моќна сила “ додаде Вучиќ.

Кажа и дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во Белград им порачал на соговорниците дека нема да има таков како него (Вучиќ).

„Водете сметка да не останете без Вучиќ затоа што таков нема да имате“, рече Вучиќ, пренесувајќи го тоа што го кажал Шојгу.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.