Вучиќ: ЕУ за нас е стратешка цел, но нема никому да му се додворувам и да зборувам против Русија и Кина

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека на Самитот ЕУ-Западен Балкан, Србија ја потврдила својата заложба за членство во ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.

-Би сакале помалку да се зборува за перспективата, а повеќе за процесот на проширување. Србија сака да биде во ЕУ и ние сакаме да имаме таков конкретен одговор, изјави Вучиќ за РТС.

Тој додаде дека на видео конференција на Самитот биле доминантни три теми, а тоа се економското закрепнување по пандемијата, продолжување на реформите и процесот на пристапување во ЕУ.

-За нас ЕУ е стратешка цел, но јас нема никому да му се додворувам и да зборувам против Кина и Русија, додаде Вучиќ.

Српскиот претседател изјави дека од ЕУ побарал повеќе грантови отколку заеми, но дека по пандемијата Србија „очигледно ќе има најголем раст во Европа“ .

Тој на конференцијата, побарал од ЕУ исклучок за производството на челик, што е важен дел од српската индустрија и добил потврда од европските лидери дека ова ќе биде разгледано.

-Нам, челичарницата „Смедерево “е најголемиот извозник, суштина на нашиот економски раст, изјави Вучиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.