Вучиќ го повлече законот за експропријација

Владата на Србија донесе одлука за повлекување на Законот за експропријација од собраниска процедура, кој беше вратен во Собранието на Србија на повторно разгледување од претседателот Александар Вучиќ.

Владата на Србија ќе анализира дали се неопходни измени на Законот за експропријација и доколку се утврди дека треба да се менува Законот, тоа ќе го направи со широка јавна расправа која ќе ја вклучи стручната јавност, професионалните здруженија, бизнис претставници и граѓанското општество.

Владата на истата седница му предложи на Народното собрание измени на Законот за референдум и народна иницијатива кои се однесуваат на заверка на потписи, претставници на овластениот предлагач на референдумот тело кое распишува референдум.

Вучиќ вчера изјави дека на саботните протести низ Србија учествувале 31.000 луѓе, од кои 8.000 биле во Белград, најмногу кај Сава Центар – 4.190.

„Ова се големи бројки. Загрижен сум, бидејќи не може да бидат само партиски функционери, како што се обидуваат да ми кажат моите соработници. Тоа се луѓе кои се загрижени“, изјави Вучиќ на новинарите по посетата на градилиштето „Белград на вода“ и посочи дека е важно владата да им се обрати на оние граѓани кои „веруваат дека има проблем“.

Вучиќ вечерва во јавното обраќање потврди дека го вратил Законот за експропријација на повторно разгледување во српското Собрание, бидејќи законот не ја уредувал областа на вистински начин и дека предложил измени на Законот за референдум и Народната иницијатива.

„Со ова се исполнуваат сите барања на народот на протестите“, нагласи Вучиќ и објасни дека законската процедура ќе биде завршена до петок и дека се е во согласност со ингеренциите на претседателот.

Тој истакна дека излегува во пресрет на граѓаните, а не се плаши од политичките противници.

„Во самиот закон една работа беше особено проблематична, а тоа се роковите што се даваат да ги прифати сопственикот, страшно кратки рокови за жалби. Исто така, не е противуставно, но немаше јавна расправа, образложението е комично – поради ковид“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека по консултации со правници видел повеќе недостатоци.

Во обраќањето до јавноста, претседателот рече дека се консултирал со сите правни експерти за законот за експропријација, чии мислења му биле важни.

„Најдов други работи во законот кои не се добри, видов постојана манија на министри да се мешаат во сѐ и да преземат одредени надлежности таму каде што не треба. Нивната намера не беше ништо со ‘Рио Тинто’, туку да бидат уште поважни и побрзо и полесно да го решат проблемот“, изјави Вучиќ.

Тој рече дека ѝ предлага на Владата да се одржи најширока јавна расправа со која ќе се постигне широк јавен консензус.

„Знам, сите ќе кажат: ‘Ова е пораз на Вучиќ’ – но јас сум претседател на сите граѓани, без оглед колку ја сакам партијата што ја водам. Има многу граѓани, прекрасни добри луѓе, кои се загрижени“, рече тој.