Вучиќ: Горд сум што Србија не зема пари од ЕК

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека е горд што Србија не е на листата список со Украина, Босна и Херцеговина, Тунис, Албанија, Косово и Северна Македонија за финансиска помош од Европската комисија, при тоа додавајќи оти ЕК не понудила финансиска помош, туку поволни кредити за земји кои имаат нарушувања во платниот биланс, јави дописникот на МИА од Белград.

– Србија нема такви проблеми. Зошто да земеме 600 или 700 милиони повеќе отколку што ни е потребно? Веќе зедовме 200 милиони евра. Од Меѓународниот монетарен фонд одбивме 1,2 милијарди и јас сум горд на тоа, изјави Вучиќ.

Изјавата на Вучиќ уследи откако српската опозициска Партија за слобода и правда (ССП), чиј лидер е Драган Ѓилас, ја осуди одлуката на српските власти да не земаат стотици милиони евра помош од ЕК.

– Босна и Херцеговина доби 250 милиони евра, Црна Гора 60 милиони, Северна Македонија 160 милиони, Албанија 180 милиони, само Србија не сака… Но, тој нема да ни каже дека истовремено донел одлука да се задолжи неколку милијарди евра и тоа по десет пати полоши услови отколку што ги понуди Европа, затоа што кога ќе земе пари од шеикот преку Фондот за развој на Абу Даби, тогаш никој не го прашува како и каде се трошат парит, а кога се земат пари од Европа, тогаш тоа така не може да биде, наведуваат од ССП.

Од оваа партија соопштија дека ќе продолжи да проверува „како Владата го троши секој динар државни пари и дека ќе се одговаа за секоја злоупотреба“.

Европската комисија вчера усвои предлог пакет за макрофинансиска помош од три милијарди евра за земјите во процесот на проширувањето, за да им помогне во ограничувањето на последиците со кризата со пандемијата на коронавирус, а Србија е единствената земја во регионот која не е опфатена со помошта од ЕК.

Министерот за финансии Синиша Мали рече дека на Србија не и е потребна помош затоа што има стабилни јавни финансии.