Вучиќ најави компромис со Приштина, зборуваше за вложувањата и организираниот криминал

Во обраќањето до нацијата српскиот претседател Александар Вучиќ во четвртокот коментирајќи го состанокот кој претходно претпладнето го имаше со амбасадорите на ткн Квинта и на Европската унија, оцени дека е „многу важно“ да се реши прашањето на отцепената поранешна српска покраина Косово и Метохија за тоа да не им остане на идните генерации, а потпирајќи се на сопствените сили и заложувајќи се за компромис со албанските власти во Приштина, бидејќи „тоа е најдоброто решение“.

По разговорот со дипломатите од групата која ја сочинуваат САД, Италија, Германија, Франција и Велика Британија и на ЕУ, Вучиќ рече дека можноста судирите да ескалираат на Косово мора да се спречи.

„Важно е да ви кажам дека судирот во Нагорно Карабах покажува дека замрзнатите конфликти може да ескалираат во секој момент. Ситуацијата околу Косово и Метохија не е ништа поповолна денес за нас, ниту ќе биде полесна следните месеци. На нашите деца не смееме да им оставиме замрзнат конфликт“, рече Вучиќ.

„На Кавказот видовме дека светот, освен со соопштенија, не беше подготвен да реагира. Се виде дека односот на силите во светот се променил и дека не може да се потпирате на никого. Затоа ќе работиме на натамошно јакнење на нашите одбранбени капацитети и на нашата војска“ додаде српскиот претседател.

Ја предупреди домашната јавност дека „може да ни се случи судир“, како и дека Србија ќе стори сѐ „преговорите да продолжат за да не дојде до такво сценариот“.

Вучиќ рече и дека „ќе ја замоли Владата на Србија“ да го уважи неговото „барање и молба да има повеќе припадници на националните малцинства во републичките и покраински институции на власта“, како и особено „да се разгледа застапеноста на претставниците на Албанците“.

Со посредство на Развојната агенција на Србија, од почетокот на годината потпишани се договори со странски инвеститори во изност од 1,7 милијарди евра, а вложувачите ветиле вработување на 6.815 работници, „што е двојно помалку отколку во претходната 2019 година, но нивните плати ќе бидат двојно поголеми, бидејќи станува збор за стручен кадар“ и „нови технологии“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател ја истакна и решителноста на државата да се пресмета со организираниот криминал, тврдејќи дека ќе бидат „постигнати големи резултати“, како и дека ќе биде прекината „логистичката поддршка на мафијашките структури од некои државни органи“.

Вучиќ соопшти дка во меѓувремено поради корупцијта се уапсени двајца претседали на општини, кадри на неговата владејачка Српска напредна партија (СНС) и десетици директори, наведувајќи дека во пресметката со организираниот кримијал „не смее да биде важно кој на која партија припаѓа“. Ги повика обвинителството и другите институции да ја работат својата работа и повторно истакна дека борбата против организираниот криминал ќе биде една од темелните цели на српската влада.