Вучиќ не гледа компромисно решение за Косово и предвидува „комплициранa ситуација“

Србија ја очекува комплицирана ситуација во нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија која во 2008 година со поддршка на Западот еднострано прогласи независност, по 21-ви ноември кога Приштина планира да почне со наплаќање казни за Србите кои нема да имаат RKS таблички на возилата, изјави во петокот српскиот претседател Александар Вучиќ, истакнувајќи дека косовската влада ја има поддршката на Германија и Велика Британија.

„Тешко е да се најде рационален предлог доколку знаете дека Косово и Метохија ја има заштитата на многу моќни земји“, изјави Вучиќ за српските медиуми на Парискиот мировен форум, и тврдеше дека Приштина може „да прави што сака, бидејќи секогаш ќе ја има германската и британската поддршка“.

Вучиќ претходно во петокот, на маргините на парискиот форум, се сретна со шефот на ЕУ дипломатијата Жозеп Борељ и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, а централна тема на разговорите била кризата на северот од Косово, поттикната од владата на премиерот Албин Курти да ја примени одлуката за пререгистрација на табличките издадени во Србија, за што американската страна побара да биде одложена за десет месеци.

Белград оваа одлука на Приштина ја смета противправна и спротивна на Бриселскиот договор за нормализација на односите, потпишан под покровителство на ЕУ во април 2013 година.

„Приштина не ги сака Србите во својот систем, туку сака да ги протера од Косово и Метохија, а некој во тоа ја поддржува“, рече Вучиќ.

Не гледам можност за компромисно решение, додаде српскиот претседател, оценувајќи дека Приштина одбива да се однесува согласно меѓународното право. Според Вучиќ, „некои во Европа чекаат Србија да направи грешка, за да ја фрлат вината врз Белград“.

Вучиќ ја отфрли идејата за Заедницата на српските општини (ЗСО), договорена со споменатиот Бриселски договор но досега не воспоставена, повторно да се дискутира во рамките на француско-германскиот план за Косово. Според Белград, обој план предвидува српската страна да не го попречува вклучувањето на Косово во меѓународните организации и институции, а за возврат Србија не добива ништо.

Официјален Белград е упорен во барањата косовските власти да ја исполнат својата обврска од Бриселскиот договор и да ја формираат ЗСО, а до ЕУ бара да биде гарант за тоа или да објави дека тој договор повеќе не важи, како дел од процесот за нормализација на односите меѓу двете страни.