Вучиќ: Не знам ништо за конечен договор со Приштина

36

Изненаден сум од изјавата на Авдулах Хоти дека во Брисел се пишува конечен договор. Ние не знаеме ништо за тоа. Ќе бараме да разговараме за неисполнување на она што беше потпишано во април 2013 година, а тоа е Заедницата на српски општини, изјави Александар Вучиќ на прес-конференцијата во Претседателството на Србија.

Српскиот претседател додаде дека „пред Србија не се лесни и едноставни денови, што се однесува до Косово“, и дека ќе бидат потребна многу сила и енергија за да се зачува позицијата на искрен партнер, како и да се обиде да се постигне компромис.

– Делегацијата на Србија, предводена од Марко Ѓуриќ е апсолутно подготвена да разговара со косовската делегација. Сакаме сериозни, конкретни разговори, но ако некој мисли дека Србија ќе биде вреќа за удирање, тогаш мислам дека тоа е многу погрешна политика и дека нема да не однесе никаде, истакна Вучиќ, додавајќи дека економијата е една од најважните делови во разговорите.

Обраќајќи се на нацијата, Вучиќ рече дека Србија треба да биде силна и да отфрли сè она што не претставува компромис и за што се стреми приштинската страна.

– Ние се согласивме суштински да учествуваме во дијалогот со Приштина под покровителство на ЕУ, со цел да ги решиме нашите децениски проблеми. Ќе побараме од ОВК сама да отвори свои архиви, затоа што веруваме дека е важно семејствата на исчезнатите да знаат каде се нивните деца и браќа, кажа Вучиќ, посочувајќи дека враќањето на внатрешно раселените лица во Косово е најниско во светот и дека само 1,9 отсто од Србите се вратиле на Косово.

Заклучоците на Атлантскиот совет од вчера претставуваат основа на идната политика во целиот регион, оцени Вучиќ.

– Тие се сублимирани во три клучни точки – спроведување на слободен проток на луѓе, стоки, капитал и услуги, потоа имплементација на проекти за кои веќе постои подготвеност да се спроведат и спроведување на сите договори и проект, кажа тој.

Вучиќ истакна дека Србија се соочува со бројни притисоци.

– Логично е дека не се сите среќни, ако Србија е успешна. Затоа Србија ќе биде мета на остри критики и напади. Мирот ќе го чуваме така што ќе бидеме посилни, пред сè економски. А кога сте посилни политички и воено, тогаш оние што се закануваат со агресија добро ќе размислат, заклучи Вучиќ и уште еднаш се осврна на изјавата на Хоти.

– Колку и да не им верувам, ми се чини дека тој бе измисли сè (Хоти). Јас би сакал ЕУ да ги разбере потребите и барањата на Србија, а не само потребите и барањата на земјите-членки. Имам доверба во нашиот преговарачки тим. Само по долг и тежок процес на преговори, можеме да постигнеме компромисно решение, оцени Вучиќ.

Тој истакна и дела верува оти Србија наскоро ќе ја победи епидемијата на коронавирусот и дека бројките се подобруваат.

По повод објавувањето на списокот на Управата за спречување перење пари, тој оцени дека е важно граѓанскиот сектор да биде силен и почитуван, но дека законот мора да биде ист за секого.

– Политиката секогаш е во прашање – ајде да диогнеме бучава дека сме загрозени, да добиеме повеќе пари, оцени Вучиќ во своето „обраќање до нацијата“, додавајќи дека ова е политика што ја водат невладините организации (НВО) во последните 20-30 години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.