Вучиќ од Москва најави: Путин ќе ја посети Србија во октомври

Рускиот претседател Владимир Путин потврди дека ќе ја посети Србија во октомври на отворањето на храмот Св. Сава, изјави по состанокот во Москва претседателот на Србија Александар Вучиќ, пренесува новинската агенција Тањуг.

Вучиќ е на службена посета во Москва на која на 24 јуни ќе присуствува на воената парада по повод одбележувањето на 75-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.

Тој наведе дека имал многу добар разговор со Путин за сите клучни политички прашања, пред се за Косово и целокупната ситуација во регионот и во светот. Вучиќ наведе дека од рускиот претседател добил добри анализи и одредени совети.

„Очекувам понатамошно зајакнување на довербата и уште подобра соработка во иднина“, изјави Вучиќ.

Српскиот претседател потврди дека во четврток ќе патува во Брисел на разговори со највисоките претставници на Европската унија, а потоа во Вашингтон.

На прашањето дали е точно пишувањето на одредени медиуми дека на состанокот во Вашингтон ќе се појави и американскиот претседател Доналд Трамп, Вучиќ рече дека не верува во тоа и додаде дека за да се појави претседателот на САД треба да се дојде до некакво решение.

„Мислам дека Ричард Гренел потврди дека разговорите ќе се водат за економските односи“, наведе Вучиќ додавајќи дека смета оти не случајно што Американците ја поддржале идејата за „Мини Шенген“, бидејќи како што рече, ќе донесе подобар живот на Балканот.