Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа во Рашка по разговорите со Србите од Косово и Метохија изјави дека отстранувањето на барикадите ќе започне денес наутро.
Вучиќ рече дека тоа не може да се направи за два часа и дека барикадите ќе бидат отстранети за 24 или 48 часа.
Потоа го прочита текстот што му го врачија Србите од барикадите. Тие порачаа дека засекогаш ќе поставуваат барикади доколку продолжи теророт на Приштина врз српското население.
Исто така, побараа гаранции од Белград дека никогаш нема да се признае Косово во која било форма.
„Немаме верба во Курти и ако продолжи теророт против нас, засекогаш ќе го затвориме северот на Косово за Приштина. Бараме јасна потврда од вас дека никогаш нема да има признавање на Косово и Метохија и дека Косово и Метохија е дел од Србија. Ние не сме криминалци, туку домаќини. Вашиот збор е единствената гаранција за нас“, пишуваше во барањето на косовските Срби упатени до Вучиќ.
Вучиќ посочи дека одлуката за отстранување на барикадите нема врска со враќање во институциите и дека институциите се условени со Бриселскиот договор, кој вклучува создавање на Заедница на српски општини, што Албанците не го исполниле.
Да потсетиме, Србите на северот на Република Косово поставија барикади пред 19 дена, по апсењето на Дејан Пантиќ, поранешен припадник на косовската полиција, кој вчера беше пуштен од затвор во домашен притвор и пристигна дома во Косовска Митровица доцна во вечерните часови.