Вучиќ: Ова ќе биде најтешката зима за Европа во последните 50 години

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, престојуваше во еднодневна посета на Грција, каде што присуствуваше на почетокот на работите за изградба на терминал за течен гас во Александрополис.

По церемонијата, како што пишуваат медиумите во соседството, тој изјавил дека заминува во Берлин, каде што ќе биде примен од германскиот канцелар Олаф Шолц.

– Германија е сериозна земја и се подготвува за она што следува. Ова ќе биде најтешката зима за цела Европа во последните 50 години. Имате два клучни проблема – енергијата и храната и инфлацијата. Добро е што ние немаме висока стапка на јавен долг. Ќе биде доволно, нема да имаме проблеми на крајот, но мора многу да се направи. Пред нас се многу тешки работи за да ги обезбедиме трашаните оваа зима, изјави Вучиќ, јавуваат регионалните медиуми.

Тој му се заблагодарил на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и додал дека со него разговарал за сите важни теми – Украина, Брисел, европскиот пат на Србија и билатералните односи меѓу Грција и Србија.