
Српскиот претседател Александар Вучиќ, соочен со притисокот на студентските блокади и јавни протести по трагедијата во Нови Сад, во вторник ги повика опозициските партии да побараат одржување на т.н. советодавен референдум за довербата што ја има како шеф на државата.
Повикот уследи по истражувањето на јавното мислење објавено од Центарот за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА), според кое 61 отсто од српските граѓани ги поддржуваат протестите и блокадите што следеа по смртта на 15 лица при падот на настрешницата на железничката станица во Нови САД на 1 ноември минатата година.
Секој десетти граѓанин кој е поблизок до партиите на власт ги поддржува протестите, а 25 отсто од оние кои следат само медиуми блиски до власта, според ова истражување.
Вучиќ, кој смета дека ЦРТА е под влијание на „странски фактор“, вклучително и американската Централна разузнавачка агенција (CIA), во својот повик за референдум за доверба на претседателот на Србија рече дека „легитимитетот е најважна работа во политиката и дека суверенитетот произлегува од волјата на народот“.
Изјави дека се потребни 67 потписи на претставници на опозицијата, а Српската напредна странка (СНС) ќе додаде уште 100 потписи за веднаш да се закаже т.н. советодавен референдум.
Вучиќ порача дека не сака да остане на власт „ниту ден ако тоа не е волја на народот“.
Во видеото објавено на Isntagram профилот @budućnostsrbijeav, Вучиќ истакна дека Србија се соочува со бројни предизвици и големи надворешни притисоци, тврдејќи дека „успешно се справила со нив и ќе се справува со нив во иднина“.
„Сепак, Србија е притисната од заеднички координиран притисок и внатрешно и надворешно на политичко ниво, секој ден наместо да работиме, да се посветиме на целта за подобрување на животниот стандард на нашите граѓани, наместо да работиме на меѓународната изложба EXPO 2027, да се градат патишта, железници, научно-технолошки паркови и центри, секој ден се зборува за големи политички прашања, за насилна промена на власта“, рече Вучиќ.
За студентските протести и притисоците од јавноста рече дека „јасно е дека се работи за вистински политички притисок каде што некој не сака избори, туку насила да дојде на власт“ и дека треба да биде отстранет и уапсен, за на власт да дојдат оние коишто сакаат „да ја врати државата во минатото“ и политичарите “кои веќе ја уништуваа Србија’.