Вучиќ: Против вакцината на „АстраЗенека“ се води медиумска војна зашто е евтина

Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека против вакцината на „АстраЗенека“ се води медиумска војна и се зборува дека е лоша вакцина само затоа што е евтина.

„Тоа што го набавувавме по 12, 13 и 14 долари, сега е 20. ‘АстраЗенека’ е евтина, бидејќи Оксфорд ја правеше да ја подели со човештвото и чини 5 долари. А се работи за милијарди дози. И затоа сега се водат медиумски војни и зборуваат дека тоа е лоша вакцина. А таа остава добри антитела“, изјави Вучиќ вчера за време на посетата на институтот „Торлак“ во Белград, каде што ќе се произведува руската вакцина „Спутник“.

„Германија прво донесе одлука дека не може да примаат вакцина ‘АстраЗенека’ постари од 65 години, а сега дека не можат помлади од 60 години. Замислете ние да носевме такви контрадикторни одлуки, па ќе нè обесеа тука на оџаков“, рече српскиот претседател, додавајќи дека досега во Србија се вакцинирани 1,8 милиони граѓани, а 1,2 милиони се ревакцинирани.