Вучиќ: Путин се согласи цената на гасот за Србија да остане непромената

33

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денес дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил цената на гасот за Србија во наредните шест месеци да не се менува и да остане 270 долари за 1000 кубни метри.

Вучиќ по средбата со Путин за ТВ Пинк изјави дека станува збор за „неверојатна цена“ и додаде дека Србија има добиено и зголемување на количините на гас во тие шест месеци.

Вучиќ изјави дека со Путин разговарал и за долгорочниот договор за набавка на гас, но дека нема право да зборува за елементите додека не се потпише тој документ.

Тој кажа дека Србија „благодарение на пријателството на Путин“ заштедила повеќе од 300 милиони евра, кои би ги изгубила за шест месеци по берзанската цена на гасот и додаде дека добила и сигурност во снабдувањето.

-Имавме резерви на гас за 15 дена, вака го решивме проблемот. Ова е спас за нас. Нема да имаме проблеми со струја или гас, парно или со целокупното снабдување, рече Вучиќ.

Тој изјави дека Путин ја прифатил неговата покана и потврдил дека ќе дојде во Србија во периодот од мај до септември следната година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.