Вучиќ се надева на компромис со Приштина наредните денови, нема договор за главните прашања

Спрскиот претседател Александар Вучиќ се надева на компромисно решение во преговорите со Приштина во текот на наредните денови, но дека „за (регистрациските) таблички и за некои крупни прашања такво решение воопшто не може да се постигне“, пренесуваат српските медиуми.

„Ќе ги продолжиме разговорите и верувам дека во деновите што следуваат ќе успееме да постигнеме компромисно решение, барем за мал дел, бидејќи е јасно дека такво решение воопшто не може да се постигне во однос на таблиците и некои поголеми прашања“, објави синоќа Вучиќ преку својот Инстаграм профил.

По неуспешните преговори во Брисел, специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, ги посетија Приштина и Белград во обид да постигнат договор до 1-ви септември меѓу Белград и Приштина за регистерските таблички и влезно-излезни документи.

Лајчак изјави по разговорот со Вучиќ дека се надева оти преговорите се на добар пат и разговорите продолжуваат, пренесе Бета.

„По втората рунда разговори доцна синоќа, се надевам дека сме на добар пат. Го ценам искрениот напор на претседателот на Србија да се поддржи европско решение. Нашите разговори ќе продолжат“, напиша Лајчак денеска на Тwitter.