Вучиќ се премисли за полицискиот час, а за протестите ги обвини криминалното подземје и странскиот фактор

36

Во своето ново обраќање до нацијата во последните 24 часа, по синоќешните насилни немири пред националното собрание во Белград, Претседателот на Србија Александар Вучиќ оцени дека синоќешните нереди во Белград се најбруталното политичко насилство во последните неколку години во земјата.

Во неговото обраќање до јавноста, второ по ред во 24 часа, Вучиќ рече дека вчерашните немири се организирани од, како што рече, криминалното подземје, но и од странскиот фактор.

Според него, на политичкиот непријавен протест, членови на десничарските, екстремистичките и профашистичките организации го нападнале Собранието, а повеќе часа ја напаѓале и полицијата.

Вучиќ ги повика сите луѓе во земјата да бидат одговорни и ги замоли да не излегуваат на вакви собири поради високите бројки на заразени и починати од ковид.

Тој, исто така, најави дека по препорака на епидемиолозите, сепак, ќе има заострување на мерките, посебно во Белград, но рече дека можеби и нема да има полициски час од петок до понеделник, како што најави вчера.

Одговорност од политичари бара Вулин

Српскиот министер за одбрана Александар Вулин, пак, во соопштение до јавноста за вчерашните нереди ги обвини опозициските политичари, а демонстрантите ги нарече хулигани.

Тој смета дека Србија мора да докаже дека во неа владеат закони, а не насилници и политичари кои само насилно можат да влезат во Парламентот и побара да се казнат политичарите.

„Или секој политичар што повикува на насилство и секој насилник што синоќа го уништуваше Белград ќе биде пронајден и казнет или во Србија нема демократија. Србија на насилство треба да одговори со силата на законот“, рече Вулин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.