Вучиќ се сретна со Лајчак и Ескобар за Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград се сретна со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој допатува во Белград по разговорите со официјални претставници во Приштина, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ прво разговараше со Лајчак, а потоа им се придружил и Ескобар. По тие разговори не беа најавени обраќања до медиумите.

Претходно денеска на Инстаграм, Вучиќ ја праша меѓународната заедница и западните партнери „кој од шесте важни документи“ сакаат Србија да го почитува и наведе пет прво – Договорот од Куманово, Повелбата на ОН, Резолуцијата 1244, Бриселскиот договор и Вашингтонскиот договор, а потоа и Солунскиот документ за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан.

Лајчак и Ескобар дојдоа во Приштина и Белград во екот на зголемените тензии на северот на Косово, каде Србите поставија блокади на патиштата по апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, а Белград најави дека ќе побара од мисијата КФОР одобрение за враќање на српските сили на Косово.

Вчера во Приштина Ескобар изјави дека САД „категорично ја отфрлаат и воопшто не ја поддржуваат“ можноста за враќање на српските сили на територијата на Косово. Тој рече дека не очекува тоа да се случи и оти Косово има „многу цврсти безбедносни гаранции од САД“.

-Очекуваме остварување на договорот за Заедницата на српските општини и напредок во прифаќањето на француско-германскиот план, изјави Ескобар по неговиот разговор со косовскиот премиер Албин Курти.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, во понеделникот рече дека Лајчак доаѓа во Приштина и Белград со ажуриран мировен план и дека ЕУ е подготвена да испрати засилување во мисијата на ЕУ на Косово (ЕУЛЕКС).

Во меѓувреме, лидерите на Косово денеска на церемонија во Приштина го потпишаа барањето на Косово за членство во ЕУ и најавија дека утре ќе и го предадат на Чешка како претседавач со ЕУ.