Вучиќ: Србија е на европскиот пат и благодариме на ЕУ за помошта

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека денес имал „добра, отворена и многу долга средба“ со акредитираните амбасадори на ЕУ во Србија и во име на Србија се заблагодари на ЕУ за финансиската помош и за секоја друга поддршка и солидарност покажана од Унијата, не само за време на пандемијата на коронавирус. Шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Сем Фабрици, оцени дека е важна „јасната порака на Претседателот на Србија за патот на земјата кон ЕУ“.

Српскиот претседател потсети дека ЕУ одобрила 93 милиони евра за борбата против пандемијата, од кои 15 милиони за итни медицински потреби и 78 милиони за поддршка на економското закрепнување на земјата.

Тој кажа дека побарал од ЕУ што е можно поскоро да ги донесе важните одлуки за фондот за закрепнување, затоа што колку е посилна Унијата, толку ќе биде посилно економското закрепнување на Србија.

-Две третини од нашата трговска размена е поврзано со земјите од ЕУ, вкупната трговија со ЕУ минатата година изнесуваше скоро 26 милијарди евра, кажа Вучиќ.

По скоро два часовни разговори со претставниците на ЕУ, Вучиќ истакна дека Србија недвосмислено останува на патот кон ЕУ и пренесе дека на состанокот е искажана согласност за сите важни прашања, при што некои разлики се искажани само за прашањата поврзани со Косово, како што е енергетското прашање и пристапувањето во ЕНТСО.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Сем Фабрици, рече дека на средбата е испратена порака за солидарност, охрабрување и оптимизам и дека таа била конструктивна, отворена и позитивна.

Фабрици изјави дека здравството на Србија „го поминало овој тест“ и дека помогнале инвестициите на ЕУ во областа на здравството.

Тој кажа дека на средбата се разговарало и за следните чекори и ја истакна важноста за одржување на демократската дебата не само во парламентот, кој ќе заседава наскоро, туку и на други места.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.