Вучиќ: Србија нема да се согласи со влезот на Косово во ОН, ниту ќе го признае

Србија нема да се согласи со влезот на нејзината поранешна република Косово и Метохија која во 2008 година со поддршка на клучните запдни земји еднострано прогласи независна Република Косово во Обединетите нации или на кој и да е начин ќе го признае, а тоа јасно им го кажав на сите западни претставници, изјави во четвртокот вечерта српскиот претседател Александар Вучиќ.

Во опширното интервју за телевизијата Хепи, Вучиќ рече дека „не помислува“ да ја потпише „капитулацијата“ на Србија „колку и да е лош европскиот план за Косово“.

„Нема да има капитулација или предавство, тоа несомнено им го соопштив на сите западни функционери и европски лидери, им кажав на сите в лице“, нагласи Вучиќ, наведувајќи ги функционерите со кои разговарал, од претставниците на САД до лидерите на европските земји и на ЕУ.

Оцени дека претстојат „многу тешки дискусии и ситуации“ во врска со Косово и истакна дека е „речиси сигурен оти (косовскиот премиер Албин) Курти не сака да ја формира Заедницата на српски општини, на што Приштина се обврза со Бриселскиот договор, постигната под покровителство на ЕУ во април 2013 година.

Вучиќ рече дека ова тврдење го заснова на тоа што денеска ЕУ начелно се согласила за визна либерализација за Косово.

„Моментот во кој во Брисел даваат согласност за визна либерализација на Косово доаѓа наместо да се врши притисок врз Курти за Приштина да ги исполни своите обврски, што е предуслов за натамошното спроведување на планот на ЕУ за Косово“, рече Вучиќ оценувајќи дека тоа е „охрабрување за Курти“ да ја продолжи својата политика.

Вучиќ нагласи дека ниту една членка на Советот за безбедност на ОН нема да се согласи да го прими Косово во членство во светската организација доколку Србија тоа не го прифати.

„И Русија и Кина ќе ја следат Србија затоа што ниту една членка на Советот за безбедност на ОН не би се спротивставила доколку Србија се согласи на членство на Косово во ОН, но Србија нема и тие ќе ја следат Србија“, рече Вучиќ.

Во документот што го подготвија европските дипломати за временската рамка за спроведување на предлогот за европскиот договор за Косово, за кој Вучиќ и Курти се договорија на 27-ми февруари во Брисел, беше посочено дека „Косово нема да претендира за членство во Обединетите нации без експлицитна согласност на сите пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН – Франција, Велика Британија, САД, Русија и Кина“, објавија претходно белградските медиуми, повикувајќи се на дипломатите кои работат на „патоказот“ за спроведување на европскиот план за Косово.

Вучиќ рече дека во следните две години „најголемите проблеми за Србија ќе бидат политички, се надевам не економски“, поврзани со војната во Украина и ситуацијата со Косово. Во врска со украинската војна, Србија „го почитуваше меѓународното право, Повелбата на ОН, територијалниот интегритет и суверенитет“, потсети Вучиќ.

„Зазедовме рационален став и го задржуваме повеќе од една година“, рече Вучиќ потсетувајќи дека Србија не воведе санкции кон Русија поради нејзините национални и државни интереси.

Коментирајќи го најавеното формирање „народно движење за државата“, Вучиќ рече дека тоа движење нема да биде „антипартиско, туку надпартиско“ и дека тоа нема да значи укинување на постоечките партии.

„Нема да има никакво укинување на партиите. Никој не сака да ја укине СНС (Српска напрадна партија, чијшто челник е тој), затоа што мислам дека е веројатно најдобрата политичка партија во земјата“, рече Вучиќ.

Белградските медиуми во средата објавија дека српскиот претседател има намера да формира Народно движење за државата и „ќе побара поддршка од народот за одбрана на Србија“, а разговорите ќе започнат на 11-ти март на југот на земјата, најверојатно во Врање.

Во вечерашното интервју за ТВ Хепи, Вучиќ истакна дека ова движење мора да покаже дека „интелектуалците, вистинската елита, се за нормална, пристојна, рационална Србија на иднината“, и дека во ова движење ќе има „и работници и селани кои ќе се борат за нашата земја и ќе каже ‘нема да дозволиме да ја уништите Србија, ниту вие екстремисти од левата страна, ниту вие екстремистите од десницата“.

„Сакаме да одиме право во иднината. Ќе видиме дали ќе успееме во тоа или не“, рече Вучиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.