Вучиќ: Србија прва во Европа според бројот на ревакцинираните, пристигнуваат 150.000 вакцини на „AstraZeneca“

Српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави во саботата дека Србија е првата земја во Европа според бројот на ревакцинирани граѓани и дека наскоро ќе биде и прва според бројот на вакцинираните.

„Претпоставив дека нема да биде лесно да се добие вакцината, па затоа уште од август и септември започнавме со акцијата за нарачување. Настојуваваме, имав многу разговори со претседателот на Кина, Kси Џинпинг, и со претседателот на Русија Владимир Путин. Разговарав и со Англичаните, утре ќе ги дочекам првите 150.000 дози од вакцината на AstraZeneca“, изјави Вучиќ за хрватскиот телевизиски канал RTL.

На новинарското прашање кога очекува стабилизирање на епидемиолошката состојба, Вучиќ истакна дека тоа ќе може да се види по имунизацијата на одреден број граѓани.

„Ако го следите Израел, гледате дека има стабилизација, а тие се земја можеби за нијанса со поголема популација од Србија, само кога преминаа 2,5 милиони вакцинирани. Денес, според бројот на луѓе, имаме нешто повеќе од 723.000 или 730.000 лица вакцинирани, а околу 420.000 лица се ревакцинирани“, рече Вучиќ.

Додаде дека ќе се вакцинира кога во Србија ќе бидат имунизирани над еден милион луѓе и дека ќе ја прими кинеската вакцина „Sinopharm“, бидејќи таа е направена според традиционални методи, но дека „сите вакцини се добри“.

Вучиќ нагласи дека производството на руската вакцина „Спутник V“ во Белград е прашање на инфраструктурата.

„Успеавме да изградиме две ковид-болници за четири месеци во Батајница и Крушевац. И сега треба да размислиме за инфраструктурата, бидејќи корната ќе биде со нас и во наредните години. Прво ќе ја добиеме смесата од руската вакцина, а потоа ќе ги пакуваме вакцините“, рече српскиот претседател додавајќи дека тоа најверојатно ќе се случи во мај и јуни, а пред крајот на годината Србија „ќе го преземе целиот трансфер на технологијата“.

Вучиќ напомена дека се планираат дополнителни инвестиции во Институтот Торлак во Белград, бидејќи Србија тогаш ќе биде во можност да ја произведува вакцината.

„Во тој случај, нашите капацитети би биле околу 20 милиони дози. Нас ни требаат околу пет до шест милиони дози за да вакцинираме два до три милиони луѓе и сè друго би им го ставиле на располагање на оние на кои вакцината им е потребна, пред се во регионот“, заклучи Вучиќ