Вучиќ во Норвешка по помош во спроведување на реформите во енергетиката

Александар Вучиќ ја започна својата прва работна посета на Норвешка како претседател на Србија, откако пред две недели во Белград се одржа конференција заедно со Норвешка и земјите од Западен Балкан за можностите за инвестирање во обновливи извори на енергија, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ претходно најави дека Србија треба да спроведе реформа во енергетскиот сектор и да ги диверзифицира изворите на снабдување со гас и нафта, како и да ги зголеми инвестициите во обновливите извори на енергија и дека Норвешка, која е еден од лидерите во таа област и зелената транзиција, ќе и помогне во тоа.

-Министерката Дубравка Ѓедовиќ имаше свои разговори, вечерва имаме средба со компании и советници заинтересирани да помогнат или да инвестираат во нашата земја, кај сите соговорници видов огромен интерес за решавање на енергетските проблеми не само во Норвешка, туку и во Европа, во Западен Балкан и разговаравме како заеднички да ги решиме проблемите во регионот, рече Вучиќ.

Тоа се, додаде, прашања како да се обезбеди напредок и големи инвестиции, како да се инвестира во обновливи извори на енергија, да се направат почисти водата и воздухот.

-Не се прашања за еден ден, туку за годините пред нас, посочи Вучиќ и наведе дека за повеќе обновливи извори на енергија потребно е да се обезбеди рамнотежа, да се градат хидроцентрали. Ќе мораме да преземеме тешки мерки за да се обезбедиме не за оваа зима, туку за другите зими, рече Вучиќ и додаде дека проблемите во енергетскиот сектор на Србија не се „прашање само за нафтата и гасот, туку за целата далноводна мрежа“.

Според Вучиќ норвешки Ристад кој е најдобриот тим во светот понудил три решенија, кои повлекуваат големи промени во јавните претпријатија и дека првите чекори ќе се болни.

Тој посочи дека само за една од српските четири или пет главни компании во енергетската сфера Норвежаните рекле дека не е потребна промена на раководството, додека за сите други рекле дека треба да се сменат луѓето, со лица со поинаков начин на размислување и додаде дека на Норвежаните им понудил „да испратат еден од нивните луѓе да има извршна функција“, без да прецизира во кое јавно претпријатие.

Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ во Осло се сретна со државниот секретар во Министерството за нафта и енергетика на Кралството Норвешка, Андреас Бјеланд Ериксен и директорот на Дирекцијата за вода и енергија, Кјетил Лунд.

-Нашата прва цел, на која работиме со норвешките партнери, е стабилизирање на енергетскиот систем во следните две години. Во оваа смисла, со огромни напори веќе се видливи одредени добри резултати. Втората цел е среднорочна, планирање на енергетската транзиција на тој начин што до 2030 година во системот ќе имаме повеќе обновливи извори на енергија, од ветерни, соларни и хидро капацитети. Третата и последна е декарбонизацијата на енергетскиот сектор и стабилноста на енергетскиот систем до 2050 година, изјави Ѓедовиќ, соопштија од ресорното министерство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.